Голема паника се крена во јавноста по смртта на 27-годишната штипјанка која била касната од крлеж и која починала на Инфективна клиника од конго-кримска хеморагична треска. Но, уште поголема паника се крена по вчерашната вест дека вкупно 29 лица се наоѓаат под двонеделен медицински надзор затоа што имале контакт со починатата пациентка, а заразата, како што посочиле лекарите, се пренесувала и преку најобичен контакт со заразено лице.
Плусинфо на оваа тема разговараше со епидемиологот д-р Александар Стојанов, кој ни објасни дека појавата на конго-кримската болест на овие простори е неретка појава, а на граѓаните им порача да престанат да паничат за сѐ што ќе слушнат на телевизија.
Не може заразата да се пренесе преку зборување, преку дишење или преку кивање, затоа што не станува збор за воздушно-капкова инфекција. Контактот треба да биде многу близок, а ризикот за ширење на заразата е многу низок
– Конго-кримската зараза не е нова болест и ние со неа се имаме за првпат соочено дури во 1971 година, кога биле заразени 13 лица и имало два смртни случаја во едно исто семејство. Значи, станува збор за прилично позната болест која и тоа како е присутна на овие предели. Таа обично се појавува во летните периоди, бидејќи само во текот на летото се присутни крлежите кои ги напаѓаат луѓето и животните кои се движат по планини, шуми и полиња. Конго-кримската болест се смета и за ендемска болест, а присутна е кај нас и на целиот Балкан. Сепак, каснувањата од крлеж не е многу честа појава. Еве, размислете, колку пати во животот ве каснал крлеж? Мене, на пример, ниту еднаш ме нема каснато, а сум се движел и по планини и по полиња – објаснува епидемиологот.
Треба да се знае дека конго-кримската болест предизвикува хеморагичната грозница, а сите хеморагични болести, како што додава д-р Стојанов, се опасни по живот.
– Стапката на смртност од конго-кримската болест е прилично висока и изнесува 40 проценти, но затоа, пак, многу помалку луѓе се изложени на крлежи отколку на комарци. На комарци сме буквално сите изложени, а и болестите што ги шират комарците предизвикуваат слична хеморагична грозница како онаа што ја предизвикува конго-кримската зараза. Во случајот со починатата штипјанка, таа имала несреќа да биде во тие 40 проценти, а инаку 60 проценти од заразените преживуваат – посочува д-р Стојанов.
За оние 29 лица коишто се ставени под медицински надзор затоа што биле во контакт со починатата пациентка, епидемиологот вели дека не треба да се крева паника во јавноста затоа што болеста не се шири толку лесно колку што се мисли.
– Мора да бидат тие луѓе ставени под медицински надзор, затоа што тоа ѝ е работа на епидемиолошката служба. Но, знаете како се пренесува заразата од човек на човек? Потребен е интимен и многу близок контакт. Потребен е допир на крв со крв, плунка со плунка, секрет со секрет. Не може заразата да се пренесе преку зборување, преку дишење или преку кивање, затоа што не станува збор за воздушно-капкова инфекција. Контактот треба да биде многу близок, а ризикот за ширење на заразата е многу низок. Секако, ризикот постои, ама е премногу мал. Затоа, апелирам до граѓаните да си останат прибрани и да престанат да паничат без никаква потреба – изјави д-р Стојанов.
Официјален став околу состојбата со конго-кримската болест во земјава побаравме и од Комисијата за заразни болести, но портпаролот д-р Злате Мехмедовиќ ни изјави дека досега во Комисијата не пристигнала никаква информација за опасност.
– Досега нема ништо официјално пристигнато во Комисијата за заразни болести. Претседателот на Комисијата е д-р Александар Петличковски, но тој досега нема најавено дека ќе свика состанок на оваа тема. Секако дека ние сме на располагање во било кое време да го разгледаме случајот доколку има потреба за такво нешто – истакна д-р Мехмедовиќ.
Младата пациентка починала во четвртокот на Инфективната клиника во Скопје каде што била примена во сериозно тешка здравствена состојба.
Директорката на Клиниката, д-р Милена Стевановиќ вчера изјави дека за болеста на штипјанката не постои лек и потсети дека смртноста од оваа зараза е огромна.
– Со каснувањето од крлежот, влезен е инфектот. И тука се завршила приказната. Дали таа самата го вадела крлежот или пак некој од семејството, дали е дојдена во институција за да се извади крлежот – апсолутно нема никаква разлика повеќе. И тоа не може да се спречи. За жал, за оваа болест нема специфичен лек кој може ја лекува туку третманот се состои исклучиво од симптоматска и супортивна терапија – изјави д-р Стевановиќ и додаде дека не секој крлеж може да пренесе болест и не секое каснување од страна на ваков заразен инсект има иста клиничка манифестација.
Факти за конго-кримската болест
- Конго-кримската хеморагична треска (ККХТ) е широко распространета болест која се пренесува преку крлежи, предизвикана од вирус (Nairovirus) од семејството Bunyaviridae.
- Вирусот на конго-кримска хеморагична треска предизвикува сериозни епидемии на вирусна хеморагична треска.
- Смртноста од ККХТ достигнува и до 40%.
- Вирусот се пренесува на човек пред сѐ од крлежи на домашни животни. Преносот од човек на човек може да се случи како резултат на близок контакт со крв, излачувања, органи или други телесни течности на заболените лица.
- ККХТ е ендемична во Африка, на Балканот, Блискиот Исток и во Азија.
- Не постои вакцина за луѓето и животните, а лекувањето е симптоматско.
Како се пренесува?
Вирусот на ККХТ се пренесува на луѓето по каснување од крлеж или преку контакт со заразена крв или животински ткива за време и непосредно по колењето на животните.
Поголемиот дел од случаите на заболување се однесуваат на луѓе кои се вклучени во работа со добиток, како што се земјоделските работници, работници во кланици и ветеринарите.
Преносот од човек на човек може да се случи како резултат на близок контакт со крв, излачувања, органи или други телесни течности на заболените лица.
Знаци и симптоми
Должината на периодот од заразување до појава на симптоми зависи од начинот на стекнување на вирусот. По инфекцијата со каснување од крлеж, периодот е обично еден до три дена, со максимум до 9 дена. Периодот по контакт со заразена крв или ткива е обично 5 до 6 дена, со документирани максимум 13 дена.
Почетокот на болеста е ненадеен, со главоболка, висока температура, болки во грбот, болки во зглобовите, болки во стомакот и повраќање. Црвени очи, зацрвенето лице, црвено грло, и црвени дамки на непцето, се исто така присутни. Може да се јави жолтица, а во потешки случаи, промени во расположението. Како што напредува болеста, на телото на заболениот се јавуваат големи делови со модрици, како и крвавење од носот. Закрепнувањето е бавно.
Прва опишана епидемија на ова заболување во Република Македонија е во 1971 година при што заболеле 13 лица со два смртни исхода во едно семејство во с. Чифлик – Тетово. По оваа епидемија, лабораториски е потврден еден случај во 2010 година. Со оглед дека постојат услови за природни жаришта и на други подрачја во нашата земја и ова заболување претставува потенцијална опасност. Од соседните земји, болеста е ендемска во Косово, а регистрирани се спорадични случаи и во неколку други европски земји.
Како да се заштитите?
Доколку престојувате во место каде што има крлежи, носете облека која нема да остава откриени делови од телото – покријте ги рацете, нозете и другите експонирани делови – врат, глава;
Носете светло обоена облека за да се овозможи лесно откривање на крлежи на облеката;
Испрскајте ја облеката со спреј на база на синтетски пиретроид-перметрин или употребете купена, специјално третирана со перметрин облека, за да се намали можноста за закачување на крлежите на облеката. Внимавајте да не прскате од спрејот на кожата на откриените делови од телото;
Дополнителна заштита ќе ви обезбедат репелентите против крлежи и инсекти со посебна состојка, кои можат да се нанесуваат на гола кожа. За постигнување на максимален ефект, нанесувајте репелент на секои 1-2 часа, ако престојот во ризични предели е подолготраен (поновите хемиски производи овозможуваат заштита од 8-12 часа). Употребувајте ги според пропишаното упатство, бидејќи при честа и ексцесивна употреба кај деца, иако ретко, можни се несакани ефекти во смисла на сериозни невролошки компликации;
После можна експозиција на убоди од крлежи, направете детална проверка на своето тело и облека, како и на телото и облеката на вашите децата. Посебно внимание посветете им на влакнестите делови од телото, каде крлежите најчесто се закачуваат, вклучително и главата, вратот и пределот зад ушите, особено кај децата. Крлежите исто често се закачуваат во прегибите на телото (во пазувите, во препоните, под градите кај жените, стомачните прегиби и сл);
Настојувајте да ги контролирате животните за присуство на крлежи и доколку има соодветно да се елиминираат;
Избегнувајте региони каде се присутни крлежи и делови од годината кога се тие најактивни.