За време на проверка на канализацијата, едно комунално претпријатие во САД снимило алигатор како поминува низ цевките.
Со роботска камера, општинската служба забележала алигатор долг повеќе од 150 сантиметри во канализацијата.
Екипата за комунални услуги во градот Овиедо, Флорида проверувала низа дупки што се појавиле на патот. Тие користеле роботска камера на четири тркала за да влезат во цевките под патот и да истражат што се случува.
Наместо пукнатини на цевки или други проблеми, наишле на алигатор. Отпрвин мислеле дека е крастава жаба затоа што прво виделе две мали блескави очи, додека не се приближиле со роботската камера и забележале долга опашка и сфатиле дека станува збор за алигатор.
Екипата за комунални услуги решила да го следи алигаторот по канализационите цевки околу стотина метри пред камерата да се заглави во мала вдлабнатина, а алигаторот ја искористил приликата и залутал по цевката, објави Дневник.хр.
„Само уште една причина да не се шета низ канализацијата“, велат од градот, додавајќи: „Фала му на Бога, нашиот тим користеше робот“.