Комитетот за истрага на воздухопловни несреќи и сериозни инциденти ќе отвори истрага за безбедносниот настан на небото над Скопје на 7 септември кога за малку е избегнат судир на два цивилни авиона. Претседателот на Комитетот Зоран Илиевски за МИА изјавил дека веднаш се вклучиле, бидејќи станува збор за сериозен инцидент.
-Во понеделник влегуваме во М-НАВ и ќе ги направиме потребните разговори, ќе ги преслушаме разговорите на контролорите со пилотите на авионите и ќе ги погледнеме и снимките. Ние не утврдуваме вина, туку причина која довела до ваков инцидент. Исто така, ќе побараме изјави од пилотите на двата авиона преку нивните воздухопловни власти, па ќе ја информираме јавноста. Сè друго во моментот ќе биде шпекулација – вели Илиевски.
Давателот на навигациски услуги М-НАВ претходно соопшти дека во пропишаниот рок е поднесена пријава за безбедосниот настан и е отворена страга за утврдување на фактичката состојба и причините.
-На 7 септември во 18.30 часот е поднесена пријава за безбедосен настан во пропишаниот рок од извршителите кои работеле на засегнатиот сектор. Согласно правилата и пропишаните процедури, пријавата е регистрирана од страна на одделението ИМС (Integrated management sistem) и e доставена до Агенцијата за цивилно воздухопловство. Исто така, согласно важечките процедури, од страна на одделението ИМС е отворена е истрага за утврдување на фактичката состојба и причините за настанот. Би сакале да укажеме дека ваквите настани како и секаде во Европа, секогаш се навремено пријавени и процесирани од сите релевантни одделенија, служби и институции, согласно постоечките правни процедури, наведе М-НАВ во соопштение.
Претходно и од Агенцијата за цивилно воздухопловство потврдија дека постапуваат по настан пријавен од М-НАВ.
Порталот СДК повикувајќи се на сајтот за следење на летови во реално време Флајтрадар24, објави дека авиони на „Туркиш ерлајнс“ и на „Санекспрес“ за малку ќе се судреле на небото над Меѓународниот аеродром во Скопје на 7 септември во 18.32 часот.