Вулканот Ибу на островот Халмахер во Индонезија денеска повторно еруптираше исфрлајќи пепел до висина од пет километри, соопшти Индонезиската вулканолошка агенција.
Ерупцијата на вулканот траела околу две минути, а во радиус од седум километри од кратерот се забранети сите активности на населението, се наведува во соопштението.
Немаше други наредби за евакуација, јавува Ројтерс.
Вулканот Ибу имаше серија ерупции во мај и почетокот на овој месец, што предизвика евакуација на седум околни села.
Ибу е еден од најактивните вулкани во Индонезија, а во 2023 година еруптираше повеќе од 21.000 пати.
По серијата ерупции, индонезиските власти го подигнаа нивото на тревога за планината Ибу на највисоко ниво на 16 мај.
Индонезија, архипелаг дом на 270 милиони луѓе, има 127 активни вулкани.
Вулканската активност во Индонезија е честа бидејќи се наоѓа покрај т.н „Пацифичкиот огнен прстен“, област каде што се судираат повеќе тектонски плочи.