Колку калории треба да внесувате дневно зависи од неколку фактори, како што се возраста, полот, тежината и нивото на активност.
Жените
Жените на возраст од 19 до 30 години обично имаат потреба од 1.800 до 2.400 калории дневно, додека оние на возраст од 31 до 59 години обично бараат од 1.600 до 2.200 калории дневно, пишува Health.
Калориските потреби се намалуваат со возраста поради намалувањето на основната метаболичка стапка (BMR), која ги опишува калориите што ги согорувате додека сте во мирување.
Помалите жени и оние кои се помалку активни имаат потреба од помалку калории. На жените со поголема рамка и кои се физички активни им требаат повеќе калории дневно за да ја одржат телесната тежина.
Мажите
На повеќето мажи на возраст меѓу 19 и 30 години им требаат помеѓу 2400 и 3000 калории дневно.
Калориските потреби на мажите на возраст меѓу 31 и 59 години обично се движат помеѓу 2200 и 3000 калории дневно.
На помалите и помалку активни мажи им требаат помалку калории за да ја одржат својата тежина во споредба со покрупните и физички поактивни мажи.
Постари луѓе
Возрасните постари од 60 години генерално имаат потреба од помалку калории од помладите возрасни.
Деца
На децата и адолесцентите им е потребен соодветен дневен внес на калории за да се поддржи оптималниот раст и развој. На помалите деца им требаат помалку калории од возрасните.
Адолесцентите често имаат поголеми потреби за енергија во споредба со возрасните. Проценетите потреби за енергија се движат од 1.000 до 3.200 калории дневно, во зависност од возраста и полот.
Момчињата имаат тенденција да имаат поголеми потреби за калории од девојчињата.
Децата кои се многу активни, како што се спортистите, имаат потреба од повеќе калории дневно во споредба со умерено активните деца.
Истражувањата покажаа дека на адолесцентите спортисти кои тренираат во тешки спортови може да им требаат до 5.000 калории дневно.
Бремени жени
Ако сте бремени, вашето тело бара повеќе енергија за да го поддржи растот на фетусот.
Ова зголемување на калориските потреби започнува во вториот триместар. Вашите калориски потреби во првиот триместар се исти како и пред бременоста.
Вашата потреба за хранливи материи, како што се железо, фолна киселина и холин, значително се зголемува од првиот триместар па наваму.