Наместо да ги ревидира барањата за изградба на фотоволтаици и да оценува дали некој инвеститор е моќен да гради во предвидениот рок и да бара банкарски гаранции, владата треба да почне да инвестира во проширување на преносната мрежа, бидејќи она што ја очекува во иднина е целосно свртување кон електричната енергија каде што потребите од овој енергенс ќе растат. Ова е првата реакција на енергетски експерти по најавата на министерот за економија Крешник Бектеши дека ќе се ревидираат барањата за изградба на сончеви електрани бидејќи преносната мрежа не може да ги прифати преголемиот број барања за приклучок.
Експертите сметаат дека во никој случај не треба да се размислува за запирање на процесот на инвестирање во сончеви централи и друг вид обновливи извори на енергија како одговор на преголемиот број барања за приклучување во преносната мрежа од инвеститори во сончеви електрани, туку да се инвестира во проширување на преносната мрежа.
Според податоците на министерот искажани во поткастот „Каде се парите“ на pari.mk, досега инвеститорите побарале приклучок на преносната електричната мрежа за 6.000 мегавати, додека во дистрибутивната мрежа има барање за приклучок за повеќе од 4.000 MW државата планирала од фотоволтаици да обезбеди 1.500 мегавати до 2040 година. Затоа, како што изјави, ќе претстои ревидирање на барањата.
– Тие што добиле дозвола за приклучок во мрежата, тоа е веќе завршена процедура и тие веќе имаат капацитет кој е резервиран за нив согласно податоците што ги има дистрибуција. Сѐ до овој момент што не е дојдено до фаза за добивање дозвола за градба, треба да се ревидира и првично да се добие согласност од Министерството за економија, од дистрибуција и од МЕПСО – изјави Бектеши.
Бектеши рече дека дозволи за градба ќе добијат најподготвените инвеститори кои ќе бидат подготвени да градат во планиран рок и кои ќе платат соодветна банкарска гаранција.
Професорот Ристо Цицонков смета дека во никој случај не смее да се запира процесот на изградба на енергетски капацитети од обновливи извори на енергија кога сè уште го увезуваме овој енергенс.
– Светот оди кон зголемено производство и драстична потрошувачка на електрична енергија. Европа веќе најави бум на електричните автомобили, топлење на топлински пумпи, низа мерки кои значат откажување од производство од фосилни горива до 2030 година што не е толку далеку. Сето тоа говори дека потребите и во земјава од овој вид енергенс ќе бидат многу поголеми од сегашните бидејќи одиме кон ЕУ. Затоа владата треба да обезбеди можности за изградба на вакви капацитети, а не да го запира или забавува процесот. Доколку се произведе повеќе од потребите, може да се извезува, но ние уште увезуваме струја. Затоа уште во овој момент или поточно тоа требаше да се направи уште вчера, владата треба да планира и да инвестира во проширување на преносната и дистрибутивната мрежа на електрична енергија бидејќи таа ѝ е повеќе од потребна – вели Цицонков.
Маријан Ненов од невладината „Но пасаран“ е на став дека со ваквото рестриктивно запирање на процесот на изградба на фотоволтаици земјава може само да биде обвинета за дискриминација на инвеститорите и да се соочи со тужби од инвеститорите кои веќе ја почнале постапката со прибирање најразлични документи, процени, зеле кредити и очекуваат дозвола за градба.
– Прво и најважно е тоа што е очигледно дека изминатите години немало координација меѓу Регулаторната комисија за енергетика и министерствата задолжени за овој вид инвестиции, па сме се довеле во ситуација да имаме барања за приклучок на мрежата за 6.000 мегавати наместо за 1.500 мегавати што е неколкукратно повеќе од претпоставеното. Сега овој драстичен расчекор се планира да се реши на непопуларен и главно монополистички начин преку фаворизирање на моќните фирми на сметка на помали инвеститори кои ја почнале постапката, зеле кредити, инвестирале во најразлични процени и сѐ она што се бара пред да се побара дозвола за градба. Ваквиот начин на реакција на владата ќе предизвика и голем број тужби, а и говори дека се фаворизираат само моќни фирми кои можат да платат банкарска гаранција и да поткупат – вели Маријан Ненов од невладината „Но пасаран“.
Тој смета дека има побезболно решение на проблемот кога не се ставила забрана за примање барања за градење во рамките на државните потреби.
– Проблемот има две решенија. Ако дневното производство на струја се покрива со најавено производство од сончевите електрани, треба да се почне процес на проширување на електричната мрежа. Дополнително за да не се дискриминираат инвеститорите треба да се направи список според датумот на кој ги поднеле барањата и така да им се издаваат дозволите за градење. Тие што нема да успеат да изградат во планираниот рок можат да се бришат од списокот – вели Ненов.
Генералниот директор на АД МЕПСО Сурија Рашиди на неодамнешниот енергетски форум изјави дека по последните три години во МЕПСО се евидентирани повеќе од 70 барања за приклучоци на обновливи извори на енергија на преносната мрежа, со вкупна моќност од 8000 MW, но краткорочно МЕПСО може да интегрира и до 1500 MW енергија произведена од обновливи извори на енергија.
Рашиди потенцира дека во насока на успешна транзиција кон чиста енергија и интегрирање на ОИЕ, МЕПСО инвестира во подобра преносна инфраструктура и обезбедување флексибилност на системот.
– Финансирањето на енергетската транзиција во државата бара повеќеслоен пристап кој вклучува инвестиции и од јавниот и од приватниот сектор, како и поддршка од банкарскиот сектор. Од клучно значење е да се даде приоритет на одржливи и ефективни стратегии и да се осигури дека сите финансиски инструменти се достапни и за јавниот и за приватниот сектор. Само со правилни политики и инвестиции, можеме да преминеме кон одржлива енергетска иднина која е од корист и за животната средина и за општеството – рече Рашиди.
Лани, според извештајот на Регулаторната комисија за енергетика, 79,37% од бруто потрошувачката на електрична енергија е обезбедена од домашно производство на електрична енергија, додека 20,63% се обезбедени од увоз.
Во електропреносниот и електродистрибутивниот систем, лани се влезени вкупно 9.421 GWh, од кои 5.639 GWh електрична енергија е произведена од домашните производители.
Нето-потрошувачката на електрична енергија, односно потрошувачката на електрична енергија на крајните потрошувачи во 2022 година изнесувала 6.133 GWh.
Производството на електрична енергија од обновливи извори на енергија, со вклучување и на големите хидроелектрични централи, во 2022 година изнесува 1.633 GWh. Производството на електрична енергија од термоелектроцентралите изнесува 4.002 GWh.
Во електроенергетскиот систем во 2022 година се приклучени нови производители на електрична енергија со инсталиран капацитет од 144,4 MW, од кои 108,4 MW се приклучени на електродистрибутивната мрежа, додека преостанатите 36 MW се приклучени на електропреносната мрежа. Најголем дел од новите електроцентрали се фотонапонски електроцентрали со вкупен инсталиран капацитет од 99,2 MW, понатаму ветерните електроцентрали со инсталиран капацитет од 36 MW, мали хидроелектроцентрали со вкупен инсталиран капацитет од 7,2 MW и една термоцентрала на биогас со инсталиран капацитет од 2 MW.