Тој е ривалот на социјалдемократскиот канцелар и во моментов се смета за фаворит. Фридрих Мерц, претседател на ЦДУ и лидер на пратеничката група на Унијата во Бундестагот, во 2021 година се врати во парламентот по дванаесетгодишна пауза. Сега, како кандидат за канцелар на ЦДУ и ЦСУ, има за цел да го наследи Олаф Шолц, пишува Дојче Веле.
Ако биде избран на изборите на 23 февруари, 69-годишниот Мерц ќе биде најстариот германски канцелар при стапување на функцијата по Конрад Аденауер, кој во 1949 година ја презеде оваа улога на 73-годишна возраст. Канцеларот Шолц и неговиот предизвикувач Мерц – двајца правници, но целосно различни типови. Високиот политичар од ЦДУ привлекува внимание уште при влегувањето во просторија или на сцена. Во директен контакт делува пристапно и дури има и смисла за хумор, но честопати, кога се наведнува кон соговорниците, тоа не остава секогаш најдобар впечаток.
Две политички кариери – пред и по Меркел
Мерц всушност има две политички кариери – една пред германската канцеларка од ЦДУ, Ангела Меркел, и една по неа. Кога Меркел ја презеде власта во пратеничката група во 2002 година и стана канцеларка во 2005 година, значително поконзервативниот Мерц се повлече и со години беше отсутен од политиката.
Надвор од политиката, во деловниот свет
Уште во 2001 година тој се споменуваше како можен кандидат за канцелар на изборите во 2002 година. Но, тогаш Унијата го избра баварскиот политичар од ЦСУ, Едмунд Штојбер, кој се соочи со канцеларот од СПД, Герхард Шредер – и не успеа. По ова, Мерц постепено се оддалечи од политиката и повторно почна да работи како правник. Во 2009 година, не се кандидираше за Бундестагот.
Кој е всушност Фридрих Мерц, човекот што некогаш изгуби од Меркел, а потоа се врати толку доцна? Тој е католик и правник, како и неговиот татко, роден во регионот Зауерланд во западна Германија. Сè уште живее недалеку од местото каде што е роден. На 33-годишна возраст, во 1989 година, беше избран за пратеник во Европскиот парламент, каде што остана пет години. Потоа, во 1994 година, премина во германскиот Бундестаг, каде што брзо се истакна како одличен и остар говорник. Неговите зборови имаа тежина во партијата.
Подем во деловниот свет
Неговото повлекување од политиката му донесе успех во деловниот свет. Од 2005 до 2021 година беше дел од меѓународна адвокатска фирма и зазема водечки позиции во надзорни и управни одбори. Од 2016 до 2020 година, беше претседател на Надзорниот одбор на најголемиот светски управител на имот – Блекрок (BlackRock) во Германија.
По најавата на Меркел дека ќе се повлече од политиката во 2021 година, Мерц се врати и постепено напредуваше. По неговиот трет обид, во 2022 година беше избран за претседател на ЦДУ. Долги години беше познат како економски либерален претставник на конзервативното крило на ЦДУ.
Контроверзни ставови за миграцијата и културните прашања
Мерц уште во 1990-тите гласаше против либерализацијата на законот за абортус и против предимплантациската дијагностика. Во 1997 година, кога парламентот го криминализираше силувањето во брак, тој се спротивстави на таа формулација.
Тој секогаш поддржуваше употреба на нуклеарна енергија и бараше подинамична економска политика со помалку бирократија. Пред речиси 25 години, предупреди за последиците од германската миграциона политика, зборувајќи за „проблеми со странците“ и инсистирајќи на концептот за „водечка култура“.
Некои од тие теми повторно ги актуелизира во променетиот политички и општествен контекст. На почетокот на 2023 година, се пожали на недостаток на интеграција во Германија. Во емисијата „Маркус Ланц” на телевизијата ЗДФ изјави дека во земјата има „луѓе кои всушност немаат што да бараат во Германија, но кои подолго време ги трпиме, не ги враќаме назад, не ги депортираме и потоа се чудиме што има вакви ексцеси”. Според него, некои родители не ја признаваат авторитетноста на наставниците, а нивните деца стануваат „мали паши”.
Ваквите изјави повеќе не наидуваат на противење од врвот на ЦДУ и пратеничката група. По крајот на ерата на Меркел, многу од нејзините политички соработници кои застапуваа прогресивен курс се повлекоа.
Притисок од сестринската партија ЦСУ
Најголем отпор Мерц добива од сестринската партија ЦСУ. Маркус Зедер, нивниот лидер, кој ја загуби трката за кандидат за канцелар во Унијата, постојано врши притисок врз него, иако формално му изразува лојалност. Од крајот на летото 2024 година, Мерц загуби дел од својата самодоверба и неколкупати ги коригираше своите претходни изјави.
Во Берлин, сепак, успеа да ја насочи пратеничката група на Унијата во нов правец. Тој изјави дека успеал да го започне, води и финализира овој процес и во самата ЦДУ, со новата основна програма. Неговото резиме: „Сега повторно сме на вистинскиот курс.”
Конзервативно свртување и нови политички цели
Со сето ова, Мерц ја претставува значително поконзервативната ЦДУ. Како и пред 20 години, размислува за враќање кон нуклеарната енергија и бара порестриктивна миграциска политика.
Во часовите по распадот на коалицијата меѓу СПД, Зелените и ФДП, тој изјави: „Семафорската коалиција од синоќа е историја. Таа не пропадна само поради ФДП, туку поради недостатокот на заедничка основа од самиот почеток.”
Мерц сака да го замени Шолц и неговата малцинска влада. Но, со кои коалициски партнери – тоа засега останува отворено.