Кои производи ќе останат со замрзнати цени до 30. април?

Lorita
By Lorita 10 Min Read
Disclosure: This website may contain affiliate links, which means I may earn a commission if you click on the link and make a purchase. I only recommend products or services that I personally use and believe will add value to my readers. Your support is appreciated!

Неизвесно е дали за првомајските празници граѓаните ќе јадат поевтин зеленчук и овошје, но и ориз и јајца чии цени се замрзнати до 30 април. Граѓаните стравуваат дека овие цени по укинувањето на владината мерка ќе се зголемат што ќе влијае на стандардот кој последната година трпи удари од високите цени на производите. Експерти велат дека причини за слабиот ефект на мерките, се колебливоста на владата и нивното неприфаќање и спроведување од страна на компаниите и дел од јавноста. И опозициската ВМРО-ДПМНЕ смета дека нема ефект замрзнувањето на цените, бидејќи во март инфлацијата е 14,7 отсто која е една од највисоките.

Пазарниот инспекторат, пак, тврди дека мерките главно се почитуваат, а владата допрва треба да излезе со пресметки какви биле ефектите.

Граѓаните иако делумно задоволни од мерките на владата, велат дека на терен гледаат нивно непочитување, а ги збунува и однесувањето на владата која за една недела се премисли отколку утврдувањето на највисоката цена на зеленчукот и овошјето. Според нив, велигденската трпеза им била полупрацна, но првомајската може да биде и без месо, поради тоа што дел од владините мерки завршуваат на 30 април.

Граѓаните делумно задоволни од замрзнатите цени

– Владата има добра намера, ама на терен слабо оди со почитувањето на замрзнатите цени, посебно на овошјето и зеленчукот. Се понадевав дека ќе го поминам празникот поевтино, но се случи само јајцата и лебот да ми бидат поевтини. Месото не замрзна, но зеленчукот иако замрзнат го купив поевтин само за 10 денари зашто на зелените пазари и не се истакнува цена, а пазарџиите калкулираат кому по која цена ќе продадат. Рекоа доматот ќе биде под 100 денари, ама го купив за 150 денари килограм. Слично е и со краставиците. Затоа за Велигден имавме попразна трпеза за речиси половина од порано.  А за 2 Мај не се знае дали ќе имаме и некаква трпеза. Не се  знае каква цена ќе има зеленчукот бидејќи мерката нема да важи. Месото и така е скапо па скарата ќе биде посиромашна од вообичаено, а може да се помине и без неа, бидејќи работниците и не треба да слават со месо, туку да протестираат и да бараат правда – вели скопјанин.

Експертите се поделени во оценката за ефектите од мерките на владата за замрзнување на цените на одделни производи.

Професорот Здравко Савевски смета дека мерките кои предвидуваат замрзнување на цените на одделни прехранбени производи, иако се добри за посиромашните слоеви во земјата, сепак не влијаеја на подобрување на нивниот животен стандард, бидејќи не се почитуваа во целост.

Замерки за владините мерки 

– Ефектот од мерките треба да се гледа од поширок аспект и како граѓаните ги чувствуваат. Притисокот од високите цени го чувствуваат само сиромашните слоеви кои главно се жалат на високите цени и се за ваквите владини мерки, но тоа не ги засега побогатите кои застанаа против владините мерки и во прилог на капиталот. Сепак, факт е дека беа намалени цените на сите производи опфатени со мерките. Исто така е факт дека компаниите кои се жалеа дека ќе пропаднат не пропаднаа. Но и покрај се, владините мерки не помогнаа да се подобри животниот стандард на граѓаните, бидејќи трошоците на живот останаа и натаму високи – вели Савевски.

- Advertisement -
Ad image

Според него, мерките треба да се гледаат и во поширок контекст.

– Владата мораше да реагира бидејќи цените на прехранбените производи со месеци не паѓаат и покрај светскиот тренд на нивно намалување за 20 отсто во изминатите 12 месеци, но кај нас тоа не го видовме на терен. Кај нас компаниите и натаму ловат во матно и не сакаат да се откажат од дел од профитот. Инаку, и без владини мерки цените требаше да паѓаат како што тоа се случи во светот – вели Савевски.

Опозициската ВМРО-ДПМНЕ смета дека нема ефект замрзнувањето на цените, бидејќи во март инфлацијата е 14,7 отсто која е една од највисоките.

- Advertisement -
Ad image

– Индексот на трошоци на животот и индексот на цените на мало во месец март во однос на претходниот месец изнесува 99,9, а во месец февруари бил 100,4. Инфлацијата во месец март е 14,7%. Ништо не влијаело во регулирање на истата, а воедно е и една од најголемите. Има ли поголем показател од ова дека ништо не се променило во месец март? Дополнително, потрошувачката кошница во месец март за едно семејство, на најминималните можни трошоци изнесувала 50.070 денари, од кои 19.263 за храна, 13.417 за режиски трошоци и сметки и за превоз и хигиена 6.865 денари и ова е далеку над заработката на едно просечно македонско семејство – велат од партијата.

Синдикалната потрошувачка кошничка што ја изработува Сојузот на синдикатите на Македонија покажува дека минималните трошоци на едно семејство во март изнесувале 50.070 денари. ССМ пресмета дека 19.263 денари оделе за храна, а 13.417 денари за намирување на режиските месечни трошоци. За превоз минимум биле потребни 3.679 денари, а за хигиена 3.186 денари.

Пазарниот инспекторат тврди дека мерките се почитуваат

Според последното соопштение на Пазарниот инспекторат од 13 април до 9 април се извршени над 280 инспекциски надзори и контроли по Одлуката за определување на највисоки цени за одделни производи во трговија на мало и Одлуката за определување обврска на трговците да прибавуваат и продаваат определени видови и количества на одделни стоки на потрошувачите според определен редослед. Во некои економски субјекти констатирани се прекршоци за што се издадени прекршочни платни налози во висина од над 110.000 денари.

Инспекторатот соопшти и дека извршил 650 контроли и на замрзнувањето на цените на овошјето и зеленчукот. Притоа е забележано прекршувања на одлуките кај 22 економски субјекти за што се издадени прекршочни платени налози во висина од над 1.300.000 денари.

– Од посетите на трговците е заклучено дека производите опфатени со овие одлуки се продаваат по цени во согласност со последната изменета Одлука и повеќето од нив се достапни во продавниците и маркетите – се констатира во соопштението.

Кои производи имаат замрзнати цени?

Владата со неколку одлуки замрзна цени на дел од прехранбените производи со важност до 30 април односно до 31 мај годинава.

– Според последната одлука на владата за замрзнување на цената на овошјето и зеленчукот направена по реакцијата на компаниите увозници, највисоки цени на овошјето и зеленчукот се: до 95 денари за килограм свежи домати, до 95 денари за килограм свежи краставици, до 70 денари за килограм кромид, до 100 денари за килограм свежи зелени пиперки, до 95 денари за килограм грав, до 110 денари за килограм леќа, до 75 денари за килограм банани, до 60 денари за килограм портокали, до 65 денари за килограм мандарини и до 60 денари за килограм лимони. Кај карфиолот се укинува ограничувањето на највисока цена.

Ваквото ограничување на највисоките цени на овошјето и на зеленчукот во трговијата на мало останува да важи до 30 април 2023 година.

Претходно владата определи максималните цени на лимоните и портокалите, кои ќе се ограничат на 55 денари, кромидот и мандарините до 60 денари, патлиџанот, карфиолот и бананите ќе се продаваат до 70 денари за килограм, краставиците и гравот до 75 денари, зелените пиперки до 90 денари и леќата чија максимална цена до 31 април е ограничена до 110 денари за килограм

До 30 април важи и одлуката на владата за замрзнување на цената на јајцата и оризот.

Претходно владата ги замрзна и цените на тестенините и млечните производи кои се намалени за 15, односно за 10 проценти. Оваа мерка трае до 31 мај колку што ќе трае и мерката за замрзнување на цената на белиот и на полубелиот леб до 450 грама на 33 денари.

До 31 мај важи и мерката за замрзнување на цената на тоалетната хартија, влажни марамчиња, пелени за деца и возрасни и хигиенски влошки кои се намалија за 13 отсто.

Владата најави дека се размислува и за замрзнување на цените на месото, но досега не донесе одлука за тоа.

Share This Article