Кога и зошто можете да го повикате Стојанче на помош

Lorita
By Lorita 7 Min Read
Disclosure: This website may contain affiliate links, which means I may earn a commission if you click on the link and make a purchase. I only recommend products or services that I personally use and believe will add value to my readers. Your support is appreciated!

Пред речиси една недела, на Фејсбук, млад човек од Скопје многу прецизно и детално ја раскажа неговата приказна за голготата низ која минал откако скршил нога и го повикал бројот 112 за итни случаи.

– Го зедов телефонот в рака и свртев на 194, телефонот ѕвонеше скоро една минутка и никој не ми крена. Сум имал слични искуства кога сум барал полиција, но искрено поинаку го доживеав чувството кога и клучен сервис што треба да ти го спаси животот и да пружи брза помош, воопшто не е брз сервис. Се сетив на 112 и заѕвонив таму. Ми кренаа веднаш, ја објаснив целата ситуација и мојата состојба, ги споделив сите неопходни информации. Тогаш диспечерката ме префрли да зборувам со некој на друга линија. Од 112 не можеа да пратат амбулантно возило, па мораше да ме стават на линија со некој од Брза помош. Потоа од таму бев префрлен да зборувам со трет, па и со четврт човек. Да имаме предвид, седам на темна улица, среде ноќ, бидејќи градот штеди на улично осветлување. Веќе сум во шок и се тресам, ногата ме боли и почнува сериозно да се воспалува, веќе не можам ни да зборувам од збирот на чувства на загриженост и од болката која станува полоша со секоја измината минута – раскажува скопјанецот Стефан.

Плусинфо ја провери приказната на Стефан. Од Центарот за управување со кризи (ЦУК) велат дека вработените во контакт-центарот на Единствениот број за итни случаи за многу кратко време одговориле на повикот. Од младиот човек биле побарани податоци за што точно е неговиот повик, при што следело институционално поврзување со бројот 194, од каде со момчето разговарале што точно се случило со него. Во ЦУК немаат повратни  информации што се случувало понатаму.

Пред неколку дена жители на селото Стровија, прилепско, имале проблеми со струјата, кога при невремет го погодило селото. Жица од далновод фрлала искри и можела да убие ако некое лице дошло во контакт со неа.

– Не знаевме што да правиме во тој момент, единствено што ни текна е бројот 112. По неколку повици, успеавме да разговаравме со диспечерот, кој ни одговори дека тие не се надлежни за ваквиот проблем и дека треба да се јавиме во ЕВН – ни објасни еден жител на Стровија.

Жителите на ова прилепско село прашуваат каков е овој број доколку жица под висок напон која „беснее“ и фрла искри од кои може да настане пожар, а и да усмрти човек доколку се најде во близина, не е приоритет за оваа служба?

Од ЦУК за ова ни одговорија дека Единствениот број нема ингеренции да интервенира за вакви случаи и ни објаснија кои се нивните приоритети.

– Центарот за управување со кризи, преку Единствениот телефонски број за итни случаи 112, ги прима сите повици од граѓаните, при што ги бележи согласно со законските оперативни стандардни процедури и веднаш ги трансферира кон три институции односно броеви, 192 за полиција – МВР, 193 за противпожарните единици и кон 194 за Брза помош. Сите други повици се пренасочуваат до Дежурниот оперативен центар во ЦУК, којшто преку регионалните центри за управување со кризи (РЦУК) ги анимира институциите во општините на територијата на државата, во зависност каде се појавил проблемот – информираат од ЦУК.

Оттаму додаваат дека покрај тоа што се снимаат повиците, во реално време вработените пишуваат куси белешки за настаните, за да има можност да се оствари телефонска конференциска врска со повикувачот.

- Advertisement -
Ad image

– На овој начин се растоварува институцијата која и директно прима повици за итни повици. На пример, ако некој бара само медицинска помош, а не го добил бројот 194, дежурниот оператор од 112 му го дава бројот на „Ало докторе“ и тој директно од таму добива медицински совет, без да ја држи зафатено линијата на Брза помош за совети. Бидејќи, за тоа време може да има животозагрозувачка ситуација на повредени на терен, за што се потребни лекарите од Брза помош. Значи, за помали итни случаи и локално, ЦУК во одредени случаи им помага на граѓаните со упатства директно до институциите во нивната средина, за да се информираат и да се реши проблемот што ги засега – ни објасни портпаролот на ЦУК.

Тој за такви примери ги посочува повиците на граѓаните кога се јавуваат индивидуално, за проблеми со водовод, со електрично напојување, немање кабелска телевизија и слично. Насметки за наплата за овие услуги има телефонски броеви за такви случаи.

– Инаку, секоја општина дејствува на информација и од граѓани, а координирано и преку ЦУК, а секако и со ангажман на општинските јавни претпријатија и служби. Ако акцијата ги надминува капацитетите на општината, преку ЦУК се бара помош од по веќе општини. Доколку, на пример, има пожар до Радовишко, а локални пожарникари има малку, тогаш преку ЦУК се координира да дојдат на помош сили од соседните општини на помош, на пример од Штип и од Струмица, а ако е потребно и од други општини – објаснуваат од ЦУК.

- Advertisement -
Ad image

Од ЦУК за Плусинфо велат дека покрај повиците од оние на кои навистина им е потребна помош, имало и јавувања и од лица кои не знаеле каде да се обратат. Имале главоболки, или реума, или се сомневале на ковид-19, немале кабелска телевизија, вода или струја. Оттаму апелираат да не се злоупотребува линијата, затоа што потребно е да им се даде можност да се јават оние на кои навистина им треба помош. Исто така, во ВУК зе жалат дека има и повици со навредливи зборови, за кои може дури и кривично да се одговара, бидејќи разговорите се снимаат, а доказите дека се злоупотребува линијата се чуваат во ЦУК.

Центарот за управување со кризи информира дека имале бројни успешни операции, откако е добиен повик на 112.

ЗА ДЕВЕТ МЕСЕЦИ 326.524 ПОВИЦИ НА 112

Од 11 февруари до 1 октомври годинава, на телефонскиот број 112 примени се вкупно 326.524 повици или во просек 1.407 повици дневно. Во февруари, кога се примаа повици само од територијата на Скопје, примени се 11.321 повици, а просекот били околу 629 повици дневно.

Share This Article