Ник Киргиос подготовките за новата сезона ги започна на егзибиција во Ријад, каде во два тај-брејка беше поразен од Камерон Нори.
Финалистот на овогодинешниот Вимблдон добар дел од прес-конференцијата по мечот посвети на Новак Ѓоковиќ и одобрението на австралиските власти најдобриот српски тенисер да може да игра на Австралија опен.
„Новак е здрав и подготвен да игра и да обезбеди одлична забава за навивачите и нашата земја. Имаме среќа што го имаме во спортот. Ѓоковиќ е најдобриот играч на светот и ниту еден турнир не е реален ако го нема, изјави Кирјиос.
Контроверзниот Австралиец истакнува дека бил со Новак кога му било најтешко минатата година кога бил депортиран од Австралија, иако претходно имале несогласувања.
„Новак знае дека јас бев единствениот со него кога тој го имаше тој проблем. Почитта се заработува со застанување покрај некого кога целата твоја нација е на едната, а тој на другата страна. Тоа се најважните работи, а не она што се случува на тенискиот терен“, рече Кирјиос.