Кинескиот претседател Си Џинпинг не беше пречекан лично од рускиот претседател Владимир Путин на аеродромот Внуково близу Москва. Путин во моментот беше зафатен со годишното обраќање пред руското Министерство за внатрешни работи. Наместо тоа, Џинпинг беше дочекан од рускиот вицепремиер Дмитриј Чернишенко и изјави дека е подготвен заедно со Москва „да го заштити светскиот поредок врз основа на меѓународното право“ додавајќи дека Кина и Русија се добри соседи и доверливи партнери.
Официјален Пекинг утринава реагираше на налогот за апсење на Путин од страна на Меѓународниот кривичен суд, МКС, поради како што нагласија, „двојните стандарди“. Кина го повика МКС да го почитува имунитетот на шефовите на држави.
Путин и Си подоцна денеска ќе сретнат во четири очи на неформална средба, а средбата за јавноста и новинарите ќе се одржи утре.
Новинарот Стивен Мекдонел за Би-Би-Си пишува дека постојат три варијанти за тоа што Си ќе му порача на Путин. Првата е дека „време е да размислите за повлекување со некој компромис за да си го спасите образот“. Втората можност е секако, Си да го поддржи Путин со зелено светло за војната, па дури и да поддржи засилување на офанзивата. Третата опција, пишува Мекдонел е дека ништо од ова нема да се случи.
Покрај шпекулациите дека Си и Путин ќе зборуваат за евентуална испорака на кинеско оружје за Русија, она што официјално беше потврдено е дека лидерите ќе зборуваат за кинескиот мировен план за Украина кој неодамна го претстави Пекинг.
Украинскиот лидер Володимир Зеленски по повод посетата на Си Џинпинг во Москва го напиша следното:
„Кога украинскиот народ се брани, кога во нашата земја ќе се почитува Повелбата на ОН и моќта на правдата, тоа ќе гарантира мир и за многу други делови од светот“.