Американскиот производител на чипови Nvidia изгуби речиси 600 милијарди долари од пазарната капитализација во понеделникот, што е најголем пад на вредноста на една компанија во еден ден во историјата на американскиот пазар.
Но, тоа не беше причина портпарол на Nvidia да не го пофали својот ривал и причината за падот – кинеската вештачка интелигенција DeepSeek чиј отворен модел кој, наводно има можност за рационално расудување, го привлече вниманието на јавноста и ги засени водечките модели во САД, како ЧатГПТ на ОпенАИ.
„DeepSeek е одличен напредок со вештачка интелигенција и совршен пример за скалирање на времето за тестирање“, изјави за Cи-Ен-Би-Си во понеделникот портпарол на Nvidia.
Тој вели дека „работата на DeepSeek илустрира како може да се создадат нови модели користејќи ја таа техника, користејќи широко достапни модели и пресметување што е целосно усогласено со контролата на извозот“.
Неговата изјава покажува дека компанијата смета дека пробивот на DeepSeek, всушност, ќе создаде повеќе работа за графичките процесорски единици на Nvidia.
Главната причина за распродажбата беше стравот дека кинеската лабораторија за вештачка интелигенција „DeepSeek“ станува сериозен конкурент во глобалната трка за доминација во индустријата за вештачка интелигенција.
Кон крајот на декември, “DeepSeek” претстави бесплатен јазичен модел со отворен код кој беше изграден за само два месеци и за помалку од 6 милиони долари, користејќи ги чиповите “H800” со мала моќност, објави Си-Ен-Би-Си.
Nvidia во моментов доминира на американскиот пазар за процесори со центри за податоци кои го поддржуваат развојот на вештачката интелигенција. Нејзините графички процесори се клучни за технолошките гиганти како “Alphabet”, “Meta” и “Amazon”, кои инвестираат милијарди долари за обука и управување со модели со вештачка интелигенција.