Претседателката на Претставничкиот дом на американскиот Конгрес, Ненси Пелоси, според неименувани извори објавени во тајванските медиуми, се очекува утре да слета во Тајпеј, а дури задутре е предвидено да се сретне со претседателката на Тајван, Цаи Инг-вен.
Тајванскиот претседателски кабинет и Министерството за надворешни работи одбија да ја коментираат шпекулацијата со оглед дека посетата на Пелоси и делегацијата на Конгресот би можела да го предизвика гневот на Кина, чии претставици јавно кажаа дека нема да седат со скрстени раце, доколку таа го посети Тајван. Пекинг го повтори ставот дека островот е „неотуѓив дел од кинеската територија“.
Пелоси, која моментално е во Сингапур, ги посочи Малезија, Јужна Кореја и Јапонија меѓу местата кои се предвидени за нејзината азиска турнеја.