Кинеското Министерство за трговија во петокот соопшти дека Европската унија продолжува да ги ескалира комерцијалните тензии, што може да доведе до „трговска војна“.
„Одговорноста е целосно на страната на Европската Унија“, се вели во соопштението на портпаролот на Министерството.
„Кина се надева дека ЕУ ќе се согласи на одредени компромиси, ќе ги израмни недоразбирањата преку дијалог и ќе избегне ескалација на трговските тензии, односно нема да дозволат да излезат од контрола“, рече портпаролот.
Минатата недела, Европската комисија предложи царини до 38,1 отсто за увоз на електрични возила од Кина и покрај протестите од Пекинг, влошување на трговските врски и потенцијално доведување до казнени мерки од втората по големина економија во светот.
Соопштението на Министерството за трговија дојде еден час пред пристигнувањето на германскиот министер за економија Роберт Хабек во Пекинг, каде што се очекува да им ја објасни неодамнешната објава за царини на кинеските власти и да се обиде да го минимизира ризикот од кинески контрамерки кои можат да им наштетат на германските компании.