Кина денеска предупреди дека одлуката на САД да стави вето на резолуцијата на Советот за безбедност на Обединетите Нации со која се повикува на итен прекин на огнот во Појасот Газа го турка конфликтот во „уште поопасна“ ситуација, пренесе Би-Би-Си.
Потпаролката на кинеското МНР, Мао Нинг, додаде дека новото вето на САД испратило „погрешна порака“ и дало „зелено светло за продолжувањето на колењето“.
Од друга страна, Белата куќа соопшти дека резолуцијата предложена од Алжир ќе ги „загрози“ разговорите за ставање крај на војната.
Сојузниците на САД исто така го критикуваа овој потег. Францускиот претставник во ОН Николас де Ривиер изрази жалење што резолуцијата не е усвоена „со оглед на катастрофалната ситуација на теренот“.
Највисокиот алжирски дипломат на ОН изјави дека „за жал Советот за безбедност уште еднаш не успеа“.
– Испитајте ја вашата совест, како ќе ве суди историјата – изјави Амар Бенџама.
Линда Томас-Гринфилд, амбасадорката на Вашингтон во ОН, рече дека не е вистинско време да се повика на итен прекин на огнот додека продолжуваат преговорите меѓу Хамас и Израел.
Нејзината колешка од Велика Британија, Барбара Вудворд, рече дека планот „всушност би можел да го направи прекинот на огнот помалку веројатен“ со загрозување на разговорите.
Израел ги започна своите операции во Газа по нападот на Хамас врз јужен Израел на 7 октомври, при што беа убиени околу 1.200 луѓе, а повеќе од 240 други беа земени како заложници.
Ставајќи вето САД предложија своја привремена резолуција за прекин на огнот. Во резолуцијата САД го предупредуваат Израел да не го напаѓа градот Рафа на крајниот југ на границата со Египет.