Холивудскиот актер и гитарист Кијану Ривс пред неколку дена настапи на отворањето на „Арсенал фест“ во Крагуевац, Србија, со својот бенд „Догстар“.
Силниот дожд кој падна во Крагуевац пред почетокот на фестивалот не ја спречи многубројната публика трпеливо да го чека настапот на познатиот холивудски актер Кијану Ривс, а небото се расчистило пред да се отсвират првите акорди.
Алтернативниот бенд од Лос Анџелес, покрај Ривс, го сочинуваат пејачот и гитарист Брет Домроуз и тапанарот Роберт Мејлхаус. Бендот ја продолжи активноста по пауза од две децении, објавувајќи го својот трет албум „Somewhere Between the Power Lines and Palm Trees“ на нивната независна издавачка куќа „Dillon Street Records“. Тие го издадоа својот деби албум „Our Little Visionary“ во 1996 година, а „Happy Ending“ четири години подоцна.
– Ми недостигаше нашата заедничка креација на песни, концерти. Сите тројца рековме: „Ќе го направиме ова, ајде да направиме албум“. „Догстар“ за мене е страст на која со задоволство се враќам по сите овие години – изјави претходно Ривс.
Инаку, холивудскиот актер престојувал два дена во Крагуевац, а дома не заминал со празни раце. Имено, како што пишуваат српските медиуми, тој на подарок добил слика од Хајдана Костиќ од Црна Гора, позната како Хајди. Нејзините дела се со раскошни бои. Таа е сликарка и илустраторка од Црна Гора.