Кети Пери ги продаде своите музички права на „Литмус мјузик“ (Litmus Music) за 225 милиони долари.
Таа ги продаде правата на сите пет нејзини албуми што ги објави за „Капитол рекордс“, „One of the Boys“ од 2008 година и „Smile“ од 2020 година.
Овие албуми ги вклучуваат нејзините мултиплатинумски хитови како „Firework“, „Teenage Dream“, „Hot ‘n’ Cold“, „California Gurls“ и „I Kissed A Girl“.
Ова е најголемата продажба на музички права од уметник оваа година.
Претходниот носител на оваа титула беше Џастин Бибер, откако во јануари ги продаде правата на своите песни за 200 милиони долари на „Hipgnosis Songs Capital“.
„Литмус мјузик“ сега го поседува уделот на пејачката во мастер снимки на песните, што значи дека сите идни хонорари од нејзината музика одат во компанијата.
Две нејзини песни „Dark Horse“ и „Roar“ имаат повеќе од милијарда стримови на Спотифај.
„Roar“ е исто така едно од најгледаните видеа на сите времиња на Јутјуб со 3,8 милијарди прегледи.
Кети Пери, големата ѕвезда од 2010-тите, последниве години работи помалку, посветувајќи се повеќе на семејството и на врската со нејзиниот партнер, актерот Орландо Блум.
Следната година таа ќе се врати како судија на седмата сезона на „Американски идол“.
„Литмус мјузик“ е потфат на Ден Мекарол, поранешен претседател на „Ворнер мјузик“ и „Капитол рекордс“.
Според соопштението, договорот со пејачката е резултат на „долгогодишна деловна врска“ додека и двајцата биле во „Капитол рекордс“.
Хенк Форсајт, ко-основач и извршен директор на „Литмус мјузик“ рече дека песните на Кети се „суштински дел од светското културно ткиво“.
„Ние сме благодарни што повторно работиме заедно со доверлива партнерка чиј интегритет блеска во сè што таа прави.“
„Литмус мјузик“ претходно ги доби правата на главните снимки на Кит Урбан, како и каталогот на песни на текстописецот Бени Бланк, кој работеше со Ед Ширан, Д Викенд, Ријана и Бритни Спирс.
Купувањето музички права процвета во последниве години, а уметниците како Боб Дилан, Нил Јанг, Шакира, Деби Хари и Џастин Тимберлејк се откажаа од идните хонорари за деветцифрени суми.