Јавниот превоз во Скопје е пред тотален колапс. Недостигот на нафта веќе неколку недели го попречува нормалното функционирање на ЈСП и предизвика сериозен проблем на транспортот на учениците и на вработените во главниот град.
Африм Муча, претседател на Независниот синдикат на возачите во ЈСП, вели дека состојбата е многу сериозна, дури и алармантна, бидејќи речиси 70 проценти од возилата се паркирани.
– Сѐ што ме прашувате е точно. Одговорот е едноставен, нема нафта. Утрово возачите беа повикани да дојдат на работа, но тие се во базите во Автокоманда и во Ѓорче Петров заедно со автобусите. Во моментов мислам дека околу 70 проценти од автобусите на ЈСП се паркирани во базите. Низ градот циркулираат мал број двосменски автобуси кои имаат наточено нафта пред два дена, како и возилата со ТНГ. За нормално функционирање на ЈСП на дневна основа се потребни 25 тони нафта, што не ја добиваме. Доколку денеска не се добие гориво и за нив, можно е веќе утре да нема ниту еден автобус по скопските улици – ни изјави Муча.
Поради ова, автобусите доаѓаат во значително помал број, а граѓаните се принудени да чекаат по еден час на студеното време. Кога на крајот ќе пристигне автобус, настануваат гужви и туркања.
Дека ситуацијата станува сѐ повеќе алармантна се уверивме кога го посетивме Транспортниот центар под Железничката станица.
На автобуските постојки чекаа десетици смрзнати патници, кои не можеле да се качат. Автобуси таму речиси и да немаше.
– Не можеме да веруваме дека ова се случува. Чекаме автобуси на минусни температури, а нема ниту знак дека нешто ќе се промени. Веќе подолго време сме изложени на вакви услови и никој не нѐ информира што се случува со јавниот превоз. Мора да постои начин да се обезбеди редовен превоз, или да ни се објасни зошто не го добиваме тоа за што плаќаме редовно. Ова е неприфатливо – ни рече еден од патниците кој чекаше автобус.
Револтираните граѓани велат дека ова е срамота за главниот град, во кој доаѓаат и туристи.
– Не знам што да кажам повеќе. Сега мрзнеме и не знам кога ќе дојде автобусот. Ако има некој што се грижи за јавниот превоз, треба да се побара решение – изјави друга скопјанка.
Во Транспортниот центар можевме да ги забележиме автобусите на приватните превозници, но како што е веќе познато, тие не возат. Тие велат дека ЈСП Скопје има долг кон нив, па поради тоа не возат и единствено се вклучуваат во трета смена, колку-толку да им помогнат на скопјани да си дојдат дома.
Како што е веќе познато, јавното претпријатие има долг кон снабдувачот од неколку милиони евра.
Во неодамна објавениот ревизорски извештај беше нотирано дека поради ненавремено плаќање на фактурите за секоја испорака на гориво, склучена е неповолна спогодба за плаќање на долгот на рати, во која е предвидено пресметување казнена камата што е 50 проценти повисока од стапката на законската казнена камата. Оваа одредба не е предвидена во договорот за јавна набавка. Во текот на ревизијата, по барање на ЈСП „Скопје“, доверителот има доставено одобрение за намалување на пресметаната камата за 50 проценти, што изнесува 12.583.000 денари.
За в петок градоначалникот на општина Шуто Оризари, Курто Дудуш, најави протест пред зградата на Град Скопје од 13.30 часот. Причина за протестот е влошената состојба со јавниот превоз, кој предизвикува огромни проблеми на граѓаните.
– Секојдневно се соочуваме со истиот проблем – луѓето чекаат со часови на автобуските станици. Не можеме да дозволиме нашите деца, жени и старци да трпат на овие минусни температури, по два до три часа чекајќи автобус, кој можеби ќе дојде, а можеби и не – изјави Дудуш во видео обраќање на неговиот профил на Фејсбук.
Тој додаде дека протестот ќе биде мирен и ги повика сите граѓани, без разлика на етничката припадност, да се приклучат, бидејќи проблемот со јавниот превоз го засега целиот град.
– Ова не е проблем само на Шуто Оризари. Ова е проблем кој ги засега сите граѓани на Скопје – потенцираше Дудуш.
Проблем со горивото имаше и изминатиот викенд, но од Град Скопје соопштија дека автобусите на ЈСП од почетокот на работнава недела ќе сообраќаат редовно.
„Ве известуваме дека и покрај сите притисоци, ЈСП ќе сообраќа редовно и во полн капацитет“, соопшти Град Скопје. Градот не објасни какви притисоци имал во врска со градскиот сообраќај.
Ситуацијата е крајно алармантна и доколку не се реши брзо, Скопје може да остане без јавен превоз на неопределено време.
ДНЕВНО ФАЛАТ ПО 160 ДО 200 АВТОБУСИ
Приватните превозници во Град Скопје „Јофи Бус“, „Вестор Транс“, „Радос Компани“ денеска преку соопштение апелираат до надлежните веднаш да се направи проширен состанок со цел да се реши проблемот со јавниот градски превоз.
„Сведоци сме на состојбата со јавниот градски превоз во градот Скопје која се влошува од ден на ден. Повторно упатуваме јавен апел до надлежните веднаш да се направи проширен состанок со цел решавање на проблемот со јавниот градски превоз. Приватните превозници располагаат со 200 автобуса кои не се максимално искористени и со кои можеме да го надополниме недостигот на автобуси на ЈСП“, се вели во соопштението.
Според приватните превозници, за да биде во целост исполнет зимскиот возен ред по одлука на Совет за линиски превоз на патници во Град Скопје потребни се 352 автобуса или со резервни вкупно 444 автобуси. Во моментов на дневно ниво недостасуваат од 160 до 200 автобуси.
„Приватните превозници не можат да одговорат на зададениот возен ред поради следниве причини: неподмирен долг од јуни, немаме верификувани извештаи за јули, август, септември и октомври, ниска цена за изминат километар, со која не можеме да ги покриеме основните трошоци“, се додава во соопштението.