Ќе прекине испораката од јадранскиот нафтовод

Lorita
By Lorita 3 Min Read
Disclosure: This website may contain affiliate links, which means I may earn a commission if you click on the link and make a purchase. I only recommend products or services that I personally use and believe will add value to my readers. Your support is appreciated!

Јадранскиот нафтовод (ЈАНАФ) најави дека во санкциите воведени кон Русија е вклучен и договорот за транспорт на сурова нафта склучен со Нафтената индустрија на Србија, со што најави прекин на испораките на нафта за Нафтената индустрија на Србија (НИС), јави дописникот на МИА од Белград.

Доколку тоа се случи, рафинеријата во Панчево нема да може да продолжи со работа, а ќе престане да работи и Петрохемија.

ЈАНАФ и НИС имаат договор кој важи до 31 декември 2022 година, со кој транспортните капацитети на Јанаф се резервирани по принципот „полно за празно“ со вкупна количина од 3,2 милиони тони (плус/минус десет отсто).

Доколку не дојде до промени, договорот нема да може да се применува од 15 мај 2022 година до укинување на рестриктивните мерки, кои се пропишани со Уредбата на Советот на ЕУ, поради војната во Украина.

НИС е во мнозинска сопственост на руски Газпромњефт, кој поседува 56,15 отсто од акциите, додека Србија има 29,87 отсто од акциите, а малите акционери 13,98 отсто од акциите.

Се проценува дека Србија тешко ќе се снајде доколку до 15 мај не се прекине војната во Украина, бидејќи домашното производство на нафта е околу 800.000 тони, а нафтата од наоѓалиштата во Романија од околу 56.000 тони не е доволна за покривање на домашните потреби. НИС покрива 70% од српскиот пазар за нафтени деривати.

На оваа најава на ЈАНАФ реагираше Министерството за рударство и енергетика на Србија кое соопшти дека „обезбедувањето стабилно снабдување со нафтени деривати е приоритет на Министерството, кое ги анализира сите варијанти и решенија за сигурно снабдување на домашниот пазар во случај на прекин на снабдувањето со сурова нафта на НИС од Јадранскиот гасовод  ЈАНАФ“.

-Во моментов се анализираат можните патишта за снабдување со сурова нафта и нафтени деривати од терминалите и рафинериите во регионот, како и расположливите правни, деловни, логистички и технички можности за увоз на сурова нафта и деривати, вклучително и преку цевковод, железница, цистерни и речниот транспорт. Се разгледуваат и ефектите од промените во начинот на снабдување врз работата на домашните рафинериски капацитети, можностите за користење домашна нафта и зголемување на резервите на нафта и деривати во складиштата, со цел соодветно да се одговори на евентуалните прекини на испорака од нафтоводот ЈАНАФ – соопштија од Министерството за рударство и енергетика на Србија.

Транспортот на сурова нафта до Србија се врши првенствено по цевковод, односно преку нафтоводот ЈАНАФ, кој го поврзува пристаништето Омишаљ со транспортниот систем на јавното претпријатие Транснафта, од каде што се транспортира до рафинериите во Нови Сад и Панчево.

- Advertisement -
Ad image
Share This Article