Рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров најавил дека сака да дел од завршниот самит на ОБСЕ во Скопје, но поради затворениот воздушен простор кај нас и во соседните земји, неизвесно е неговото присуство.
– Добив писмо пред 4-5 дена од министерот за надворешни работи во коешто покажува интерес и барање да се обезбеди негово присуство во Скопје. Има одредени предизвици во делот на тоа прашање, прво заради тоа што воздушниот простор на Северна Македонија и на нашите соседи е затворен за руски авиони, иако по правило треба сите земји учеснички треба да присуствуваат на министерскиот совет на ОБСЕ во Скопје. Но дали конкретни личности, сепак ќе зависи од одредени одлуки кои ќе треба да се донесат во текот на наредните денови. Се надевам дека сите ќе успееме да бидеме во Скопје – потенцира Османи за посетата на Лавров на Скопје.
Според него настанот кој ќе следи во државата, суштински е најголем настан, зашто ОБСЕ првпат, како што рече Османи, е во егзистенцијална криза како организација која од 1975 е основана со мисија да ги чува мирот и безбедноста и да менаџира конфликти.
Појасни дека е во криза зашто на ниско ниво е довербата на земјите членки по агресијата врз Украина.
– Првпат нема претседавач за 2024, а треба две години однапред да се одреди. Поделени се земјите по ова прашање – рече Османи и очекува одлуката да се донесе токму во Скопје. Нагласи дека организацијата се соочува и со проблемот дека не е одобрен буџет на ОБСЕ.
МНР според Османи една и пол година се подготвува за организација на настанот.
Се очекуваат 76 делегации на држави од светот и над 100 светски новинарски агенции на најголемиот настан во историјата на државата, според министерот Бујар Османи и настан кој ќе ја чини државата пет милиони евра.
Во логистика за настанот ќе бидат ангажирани над 200 луѓе, 200 војници ќе бидат возачи за спроведување на делегациите. Ќе биде обезбеден и чартер-лет од Брисел за Скопје, а некои делегации ќе дојдат со свои авиони.
Собирот ќе почне со неформална вечера на 29 ноември, а на 30 ноември е формалниот дел со обраќање на министрите.
На прашањето што ќе се случи доколку не дојде Лавров, Османи вели дека Руската федерација ќе присуствува со свои претставници, но сите треба да бидат за колективниот интерес над државниот.