Видео во кое американскиот претседател во февруари годинава изјавил дека „ќе му стави крај“ на гасоводот Северен Тек 2, ако Русите ја преминат украинската граница повторно почна да се врти по социјалните мрежи. Откако вчера цевки на Северен тек 1 и на Северен тек 2 под морето кај Шведска и кај Данска почнаа да протекуваат по серија мистериозни експлозии, „Германија веројатно ќе мора да купува повеќе природен гас од САД по 5 пати поголема цена“, коментираше под видеото Џејмс Мелвил, пренесува Њузвик.
Во видеото, на прашањето од новинарка за тоа како САД ќе стават „крај“ на Северен тек 2 кога пуштањето на гасоводот е во контрола на Германија, Бајден кратко изјавува:
– Ви ветувам, ќе можеме да го направиме тоа.
Западот и Русија меѓусебно се обвинуваат за штетата во Балтичкото море. Некои ја нарекоа експлозијата „новиот фронт на Путин“ во војната. Но, портпаролот на Кремљ, денеска изјави дека се глупави тврдењата дека Русија стои зад евентуалните напади врз гасоводите Северен поток 1 и Северен поток 2.
– Тоа е голем проблем за нас бидејќи, како прво, двете линии на Северен поток 2 се наполнети со гас, целиот систем е подготвен да испумпува гас, а гасот е многу скап… Сега гасот оди во воздухот – истакна Песков, пренесува МИА.
Песков истакна дека Москва забележува нагло зголемување на профитот на американските компании, кои сега ја снабдуваат Европа со гас. Неговиот став дека САД ќе профитираат од несреќата е аналогна со обвинувањата кои Бајден ги добива дома од своите противници, Републиканската партија.
Песков наведе и дека е потребно да се истражи инцидентот и оти не се знае кога ќе бидат поправени оштетените гасоводи.
Норд стрим АГ, операторот на гасоводната мрежа на двете цевки, вчера објави дека три од четирите крајбрежни линии на гасоводниот систем Северен тек претрпеле „невидена” штета за еден ден.