Холандското Јавно обвинителство на четири компании им изрече парични казни во вкупна вредност од 160.000 евра, а осум лица казни со општествено корисна работа во траење меѓу 20 и 60 часа поради нивно учество во изградбата на мостот што го поврзува Крим со Русија, во периодот од 2014 до 2017 година, со што ги прекршиле меѓународните санкции кон Москва воведени поради прогласената анексија на украинскиот Кримски Полуостров.
Како што јави дописникот на МИА од Брисел, дополнително на една од компаниите и е конфискувана добивка во вкупна вредност од 71.330 евра.
– Активностите на компаниите ги поткопаа целта и ефективноста на меѓународните санкции. Кримскиот мост е изграден делумно со холандска стручност и експертиза – соопшти Обвинителството.
Според Обвинителството, истрагата утврдила дека холандски компании и поединци произведувале и доставувале стоки наменети за изградба на мостот, како делови за градежната механизација, вибрациски чекани и електрична опрема, при што била обезбедена и техничка помош како дел од овие набавки, како во Холандија, така и на самото место на изградба.
Обвинителството дополни дека при носењето на одлуката за санкции ги зело предвид максималните казни за прекршување на санкциите во тоа време, обемот на активностите на компаниите и фактот дека поминале неколку години од прекршувањата.
Истрагата за случајот е започната во 2017 година, откако холандскиот весник „Гелдерландер“, објави дека компании од Холандија биле вклучени во изградбата на мостот.
Пресудата за четирите правни и осумте физички лица доаѓа само неколку недели откако функционер на холандското Министерство за одбрана беше уапсен поради кршење на санкциите кон Русија со снабдување на земјата со резервни делови за авиони преку трети земји.
Русија го изгради Кримскиот мост по анексијата на Крим во 2014 година, со цел да го поврзе полуостровот со руското копно. Од почетокот на руската агресија врз Украина, мостот беше цел на неколку напади, вклучително и големата експлозија во октомври 2022 година.
ЕУ првпат воведе санкции кон Русија по руската окупација на Крим во март 2014 година, кои беа зајакнати по руската инвазија врз Украина во февруари 2022 година.