Незадоволни родители на ученици од кавадаречката гимназија „Добри Даскалов“ споделија снимка на која се гледа како нивните деца, кои се на екскурзија во Франција, го туркаат автобусот за да запали.
Како што пренесува порталот „Дума“, родителите не се задоволни од превозот што скопската туристичка агенција „Дипломатик“ го ангажирала за реализација на екскурзијата.
Учениците сведочат дека проблемите се појавиле уште на почетокот на патувањето, кога во Кавадарци дошле два автобуса, од кои едниот имал технички недостатоци, иако поминал технички преглед во Скопје.
Директорката на гимназијата, Јасмина Чулева, за „Дума“ изјави дека по првата интервенција, во која бил направен вонреден технички преглед и бил обезбеден исправен автобус, засега екскурзијата се реализира без проблеми, но дел од родителите го тврдат спротивното и, споделувајќи го видеото, велат дека превозот морал да биде подобар и побезбеден.
Градоначалникот на Кавадарци Митко Јанчев апелираше надлежните што издаваат лиценци на туристички агенции и превозници да ги проверуваат лиценците, откако се појави видеото на кое се гледа како кавадаречките средношколци, туркаат автобус на екскурзија во Франција.
Тој повика државните органи да вршат поголеми контроли во овој сектор, а да се воспостават и подобри критериуми за транспорт.
– При издавање на лиценци и за внатрешен и за меѓународен транспорт, да има поголеми критериуми при добивање на лиценци. Да не може, на пример, со стар автобус, да се вози во странство – појасни Јанчев за МИА.