Учениците во Македонија немаат елементарни познавања од математика и читање, покажуваат резултатите од меѓународниот тест ПИСА, со кој се тестираат вештините на 15-годишните ученици да го применат стекнатото знаење во пракса.
„Резултатите од ПИСА тестирањето, спроведено во 2022 година, покажуваат дека македонските средношколци се на 61 место според резултатите по математика, а на 71 место по јазична писменост од вкупно 81 држава. Учениците постигнаа 380 поени по природни науки, што ја рангира државата на 68 место во Европа“, соопшти Министерството за образование и наука.
Резултатите денеска ги објави Организацијата за европска соработка и развој (ОЕЦД).
Првото место во сите тестови, вклучително и математиката, го заземаат Сингапур, Кина – Хонг Конг, Макао, додека Естонија е најуспешна од сите европски земји. Што се однесува до земјите од регионот, подобро рангирани од Македонија во регионот се Бугарија, Црна Гора, Грција, Србија и Хрватска, а послаби од нас се Косово и Албанија.
Како што велат од Министерството, негативните последици од ковид-пандемијата врз квалитетот на образованието во глобални размери ги потврди и меѓународната ПИСА студија спроведена во 2022 година. Според Министерството, резултатите покажуваат генерално намалување на нивото на јазичната, математичката и научната писменост кај учениците на 15 годишна возраст во речиси сите држави учеснички.
„Со минимална разлика, резултатите за Македонија го задржуваат нивото кое беше измерено во 2018 година. Од вкупно 81 држава кои беа дел од тестирањето, со постигнати 389 поени, нашата земја е на 61 место според резултатите по математика. Со постигнатите 359 поени при мерењето на јазичната писменост, односно читање со разбирање, рангирани сме на 71 место, додека по природни науки нашите ученици постигнаа 380 поени, што ја рангира државата на 68 место во Европа“, информираат од МОН.
На претходното ПИСА тестирање, кое се спроведе во 2018 година, македонските средношколци беа рангирани на 67 место од 77 држави учеснички во читање со разбирање и математика и 63 место по природни науки.
ПИСА е едно од најпознатите и најкредибилни меѓународни тестирања кое ја мери писменоста, односно применливото знаење што му е потребно на ученикот за да го продолжи своето образование и да успее во личниот и професионалниот живот. Задачите во тестовите се поврзани со реални ситуации во кои може да се најдат учениците, и преку одговорите не се мери репродуктивното, туку функционалното знаење, кое е важно за поврзување, разбирање и решавање на проблеми.
Ова е четврто учество на Македонија во ПИСА, преку Министерството за образование и наука. Претходно државата беше дел од студиите во 2000, 2015 и 2018 година. Во месеците април и мај 2022 година беа опфатени 6.610 ученици од 111 средни училишта, каде во зависност од големината се тестираа од 35 до 155 ученици на македонски и албански јазик. Реализатор на студијата кај нас е Државниот испитен центар.
Министерството посочува дека ПИСА-тестирањето првпат кај нас се реализираше електронски и дека ОЕЦД дала висока оценка која, како што наведува „ја потврдува техничката подготвеност на Северна Македонија и беспрекорноста на спроведувањето, што не е случај во 20 проценти од земјите учеснички во кои не беше запазен барем еден од стандардите на изведување на тестирањето“.
ПИСА 2022 беше четврто учество Република Северна Македонија во ова меѓународно тестирање, а претходните учества беа во 2000, 2015 и 2018 година.
Тестирањето во април и мај 2022 година го реализираше Државниот испитен центар. Беа опфатени 6610 ученици од 111 средни училишта каде што се тестираа од 35 до 155 ученици на македонски и на албански јазик.