Додека граѓаните се занимаваат со деловни биланси на трчачки клубови и пребројуваат колку пари се “истрчале” на охридскиот полумаратон, во позадина се одвива вистинската трка со пречки – градежната сага наречена “Хотел Горица”.
Како да е дел од некоја сатирична претстава, дваесет и пет граѓански организации вредно поднесуваат претставки до премиерот, Владата, Општината, пратениците, меѓуресорското тело за борба против корупција, веројатно и до Свети Петар на небото, сè со надеж дека правдата ќе победи и законот ќе проработи.
Меѓутоа, додека кучињата лаат покрај Охридското Езеро, караванот на Сашо Мијалков продолжува својот триумфален марш од Монте Карло до Ерменија, со попатна станица во Горица. Ако за Охрид ТрчаТ некој се прашува дали 6 милиони денари се премногу или премалку, за други проекти се прашуваме дали 6 милиони евра се доволни за “соодветни дозволи”.
Државниот инспекторат за животна средина се претвори во невидлив ентитет кога станува збор за одредени градби, а Управата за животна средина демонстрира фасцинантна флексибилност на законите што би ја позавидел и најдобриот циркуски акробат.
И така, додека граѓанските организации пишуваат претставки, архиварите вредно ги сортираат во соодветни фиоки за заборав, а камионите со градежен материјал продолжуваат да пристигнуваат на градилиштето.
Моралот на приказната? Додека едни трчаат полумаратон за медал и диплома, други трчаат маратон низ институциите и никогаш не стигнуваат до целта. А штом Македонија веќе стана ефтин солета паризер, барем да се надеваме дека хотелот ќе има пет ѕвезди. Макар тие ѕвезди да се гледаат само од Монте Карло.
Можеби наместо трка против часовникот, време е за трка против системот. Но за таа трка сè уште не се продаваат стартни броеви, а котизацијата е преголема за обичните граѓани.
Сашо Денесовски-Лично