Владата на денешната седница го усвои Предлогот на законот за прогласување на Кањон Матка за заштитено подрачје во категоријата III – споменик на природата. Со тоа, децениското игнорирање на едно од највредните подрачја во земјава се приближува кон крај, а постапката за заштита направи еден чекор напред. Во следната фаза законот треба да го изгласа Собранието, и Матка конечно да добие заштита.
Како што денеска изјави министерот за животна средина Насер Нуредини, со конечното усвојување, после долг период на усогласување, постигнат е консензус во интерес на заштита на ова уникатно национално природно богатство.
– Со донесувањето на Законот, ќе се овозможи не само заштита на природните вредности, разновидноста на биодиверзитетот, туку и ќе се создадат нови можности за одржливо управување и развој на овој еко-систем – вели Нуредини.
Според предлог законот, Матка е поделена на неколку зони, зона за строга заштита, зона за активно управување, зона за одржливо користење и заштитен појас. Зоната на строга заштита опфаќа речиси 39 отсто од подрачјето во кое спаѓаат четири поголеми области: Козјак, Добрашија, Матка – Врело и Плоча. Во овој дел е забрането спроведување на активности со коишто се загрозува изворноста на природата и нарушувањето на природната рамнотежа, заради што Градот Скопје и Општина Сарај се должни да обезбедат постојан мониторинг. Во зоната за строга заштита дозволени се научно-истражувачки активности, доколку тие не се во спротивност со примарните цели на заштита на подрачјето.
Со споменикот на природата ќе управува Градот Скопје во соработка со Општина Сарај, а ќе треба да формираат Совет на засегнати страни и Научен Совет, како консултативни тела во согласност со Законот за заштита на природата.
Матка чека репрогласување од 2004 година, кога е донесен законот за заштита на природата. Периодот од 19 години, во кој подрачјето нема никаква заштита, се искористи да се изградат диви платформи, се узурпираше и водата и брегот на езерото, се возат моторни чамци, а се фрла и отпад. Во меѓувреме додека Матка чека заштита, некои од дивоградбите завршија и на суд, но пресуди нема, ниту пак локалните власти во Општината Сарај преземаа нешто да ги отстранат. Матка не беше приоритет ниту на централната власт, која природните и културните богатства лесно ги препушти на негрижата на локалните власти и не направи напор да ги заштити.
Кањонот Матка е вклучен во Националната Емералд мрежа на подрачја од посебен интерес за зачувување на Европската Унија, а бројните видови од Кањонот Матка се вклучени на прилозите на Директивата за зачувување на природните живеалишта на дивата флора и фауна.
извор: Мета