Републиканскиот кандидат за претседател на САД Доналд Трамп во својство на иден американски претседател би можел да ги обнови преговорите меѓу Белград и Приштина преку заживување на таканаречениот Вашингтон договор за нормализација на економските односи кој земјите го потпишаа во 2020 година, пишува „European Western Balkans“ .
Курт Басенер, висок соработник во Советот за политика за демократизација со седиште во Берлин, потсетува дека за време на администрацијата на Трамп, САД активно ја поддржуваа „размена на територии“, односно „приспособување на административната линија“ или „корекција на границите“, што често се смета за поделба на Косово.
– Овој концепт беше предложен од претседателот на Србија Вучиќ и тогашниот претседател на Косово Хашим Тачи во 2018 година, а беше поддржан од канцеларијата на високата претставничка за надворешна политика на ЕУ (Фдерика Могерини), но без согласност на многу членки на ЕУ. (Некогашниот специјален пратеник на Трамп за Балканот) Ричард Гренел беше клучна фигура во ова и сè уште е често присутен во регионот – вели аналитичарот.
Од друга страна, ако претседателка на САД стане неговата соперничка Камала Харис таа би можела да го забрза патот на земјите од Западен Балкан кон ЕУ, смета Басенер. Според зборовите на Гренел, некогашниот пратеник на Трамп, нејзината мана, би била што таа „не знае каде се наоѓа Балканот на мапата“.
Маната на Трамп, од друга страна, според Басенер, би била тоа што таканаречните проруски и автократски политичари или сили на Балканот би можеле да ја слават неговата победа. Спротивно на ова, евентуалната победа на Харис про-европските влади би ја гледале како континуитет на политиката на претседателот во заминување Џо Бајден, смета тој.
Басенер ја споредува сликата за Трамп со сликата на силен човек присутна на Балканот. Тој потсетува дека зетот на Трамп за неговата ќерка Иванка неодамна беше вклучен во градежни проекти во Белград и во Валона во Албанија.
Професорот Даниел Сервер во интервју за Ал Џезира прогнозира дека, ако стане американски претседател, Трамп ќе се обиде да извлече корист преку зетот Џаред Кушнер.
– Трамп и (неговиот екс-пратеник за Балканот) Ричард Гренел ќе го фаворизираат и балканскиот ангажман на зетот на Трамп, Џаред Кушнер. Тоа значи повеќе отстапки за Вучиќ и албанскиот премиер Еди Рама. И двајцата се обидоа да ги обложат џебовите на Трамп со зделки за недвижнини. Несомнено, тие можат да имаат корист – политички, ако не и финансиски – вели Сервер.
Од друга страна, според аналитичарот, можната политика на Камала Харис кон Западен Балкан е апсолутно нејасна, дури и до тој степен што Гренел ја искористи за на Икс да напише дека таа „не знае ни каде е Балканот“. Ако со Трамп е отворена можноста дури и за поделба на Украина, Харис би била против какви било поделби, смета Сервер.
– Косово би можело да ѝ изгледа (на Харис) како Тајван или Украина, што значи дека таа би можела да ја отфрли идејата за нарушување на неговиот суверенитет од поранешните владетели. Малку е веројатно дека таа би можела да има симпатии за заедницата на српските општини на Косово или за автономијата на Република Српска. Некој треба да ѝ каже дека и двете се лоша идеја – објаснува Сервер, според кого, Харис не треба да проба да „смирува„ Србија како што тоа го правеше администрацијата на Бајден.
Од друга страна, аналитичарите сметаат дека на Европа би ѝ олеснало ако победи соперничката на Трамп, Камала Харис. За Балканот, според аналитичарот Басенер тоа би значело преиспитување за брзата трака за влегување во ЕУ.
Тој смета дека Харис би имала идеална можност на колегите од Европа да им соопшти дека со децении не се постигнати суштинските промени на Балканот кои беа поставени како основна претпоставка за ангажманот на Западот за Балканот од 1999 година.