Ако претседателот Владимир Путин одлучи да учествува на претседателските избори во 2024 година, никој нема да може да се справи со него, изјави во понеделникот портпаролот на Кремљ, Димитриј Песков.
„Претседателот се уште не ја објавил својата кандидатура, но ако претпоставиме дека тој ќе биде кандидат, тогаш речиси е очигледно дека нема да има сериозен ривал“, рече Песков.
Тој истакна дека Путин „ужива апсолутна поддршка од населението“.
Путин доминира со Русија две децении, или како претседател или како премиер, наведувајќи го како свој успех стабилизацијата на големата руска нација по хаосот што владееше над земјата како резултат на распадот на СССР во 1991 година.
Сепак, неговата одлука да испрати десетици илјади војници во Украина на 24 февруари 2022 година претставува најголем предизвик за неговото владеење досега.
Овој потег предизвика најсериозна конфронтација со Западот од Кубанската ракетна криза во 1962 година.
Кинескиот претседател Си Џинпинг му рече на Путин во март дека е уверен дека Русите ќе го поддржат шефот на Кремљ на следните претседателски избори.
Анкетите ја покажуваат големата популарност на Путин, а во август анкетата покажа дека актуелниот претседател ужива поддршка од 80 отсто од испитаниците, повеќе отколку пред војната во Украина.
Тие покажуваат и дека 70 отсто од испитаниците ја поддржуваат руската воена интервенција во Украина. Опозицијата и Западот тврдат дека не треба да им се верува на овие анкети.