Романот на нобеловката Олга Токарчук кој го позајмил насловот „Терај си го плугот по коските на мртвите“ (Антолог, 2021) од стих на поетот Вилијам Блејк претставува крик на индивидуата наспроти општеството, особено наспроти корумпираното општество, она од кое секоја единка страда на овој или на оној начин и во кое поединецот нема никаква гласност. Тоа, пак води кон нови страдања зашто ја тера единката да ги земе правдата и праведноста во свои раце.
Токму тоа се случува со госпоѓа Јанина Душејко, поранешен градежен инженер, наставничка по англиски во пензија, а најважно – изработувачка на хороскопи и вљубеничка и преведувачка на поезијата на англискиот поет Вилијам Блејк. Секое поглавје во романот започнува со цитат од поезијата на Блејк. Таа ги именува луѓето, предметите и животните според нивниот изглед, па така се запознаваме со Големото Стапало, Караконџул, Црниот Капут, Самурајот, Девојчињата…
Во ликот на госпоѓа Душејко е прикажан малиот човек кој уште од времето на Чехов се бори за своето место во општеството и не го наоѓа. Не затоа што не е образован, вреден или зашто е стар и грд, туку затоа што одбива да се интегрира во вкоренетите правила во системот кој ги исфрла од својот ред оние со „чиста душа“ и ги велича оние недообразованите, мрзеливите, несовесните…
Госпоѓа Душејко е претставник на граѓанинот кој користејќи ги сите демократски и цивилизациски алатки кои му се на располагање (пишувајќи писма) се обидува да допре до совеста на властите, да ги натера да размислуваат „креативно“, да сфатат дека насилството кон природата враќа со насилство. Таа го прави тоа речиси наивно, но доста убедливо, делува како налудничав вљубеник во природата и во животните па не само што самата верува во тоа туку со својата логика го убедува и читателот во теоријата дека животните и природата се одмаздуваат, дека тие ги убиваат нивните ловџии со тоа што ќе им застане коска во грлото кога јадат, на пример.
„Ме избраа срните во нивно име да ги одбранам, затоа што не јадам месо, за да станам казнената рака на праведноста“, ќе рече госпоѓа Душејко.
Романот „Терај си го плугот по коските на мртвите“ е најдобриот роман на Токарчук. Напишан внимателно и со силна порака – луѓето мора да владеат совесно и освестени за моќта на природата, за нејзиниот бунт, за астролошките поклопувања на ѕвездите и планетите со животот на Земјата и дека е висока цената што човештвото ја плаќа за своите грешки.
Сепак, госпоѓа Душејко и покрај тоа што извршила три убиства му останува мила на читателот. Тој сочувствува со неа, зашто ја сфаќа нејзината немоќ, се соживува и идентификува со нејзината онеправдана маленкост. Читателот застанува на нејзина страна, исто како и нејзините пријатели кои единствено ќе сфатат дека таа е убиецот и ќе ја заштитат од полицијата.
Романот на Токарчук допира многу современи општествени прашања и прашања кои го мачат поединецот, а тие големи цивилизациски предизвици во секое денешно општество се раскажани како еден вид алегорија – во која животните ги извршуваат делата кои луѓето пропуштиле да ги санкционираат. Романот е возбудлив, не му дозволува на читателот да се оддели од него, зашто цело време се води истрага за серијалот мистериозни убиства во планинското полско селце.
Токарчук вешто го искористила трилерот како жанр за да пренесе силни општествени пораки – за тоа како човекот ја уништува природата, но и цивилизацијата. Несомнено, затоа и ја добила Нобеловата награда за литература во 2018 година.