More

    Како да се издржи со повисоки набавни од малопродажни цени?!

    spot_img

    Ако по нешто се препознаваат Македонија и Скопје во очите на странските посетители и добронамерници, тоа бездруго е добрата, квалитетна и релативно евтина храна. Маркетите се богато уредени и преполни со најразлични производи, а зелените пазари се храмови за љубителите на свеж зеленчук и овошје. Ние често сакаме да веруваме дека причина за тоа изобилство се нашето прекрасно поднебје и нашето сонце, кое им помага на вредните земјоделци да произведат храна каква што само тука може да се вкуси.

    За жал, сето тоа е една голема заблуда. Малкумина знаат дека кога станува збор за зеленчукот и овошјето, Македонија ги задоволува своите потреби само за три производи – компир, зелка и јаболка. Сѐ друго увезуваме. Ако сте се запрашале зошто кромидот, на пример, е толку скап во последно време, одговорот е во фактот што ние од октомври до април секоја година јадеме увезен кромид. Увезуваме и краставици, домати, пиперки и уште многу други производи, за кои веруваме дека потекнуваат од нашите домашни бавчи. За јужното овошје тоа веќе се подразбира. Како и за пченицата, поради која и лебот ни е „увозно зависен“. Но, помалку се знае дека ние не произведуваме наше масло за јадење, а речиси не произведуваме и тестенини. Надалеку прочуениот грав „тетовец“ ни стасува од далечни дестинации. Увезуваме и смрзнато месо, кое е основна суровина за домашното производство на месо и месни преработки.

    Како и да е, во услови на глобални поскапувања на храната на берзите, македонските трговци засега сѐ уште успеваат да ги наполнат рафтовите во маркетите и тезгите на зелените пазари.  Го прават тоа наспроти сѐ погласните обвинувања дека се „профитери“ во услови на криза, но и наспроти фактот дека „екстра“ профитите најчесто завршуваат во нови инвестиции и за исплаќање кредити и на други обврски, но и за борба со конкуренцијата во услови кога еден дел од трговијата воопшто не е фискализиран и е комплетно во комфорната зона на т.н. сива економија.

    Набавните повисоки од малопродажните цени – кој може тоа да го издржи?

    За жал, последните неколку владини мерки, со кои под мраз се ставија многу производи, им задаваат голем удар на компаниите во секторот трговија. Тие компании се навикнати на динамичните промени на условите на пазарот и веројатно ќе успеат да ги преживеат и овие најнови удари, но притисоците за нереално максимирање на голема група производи станаа толку силни и неразумни, што тие и самите веќе се прашуваат кога ќе дојде денот некои производи, едноставно, да исчезнат од рафтовите и од тезгите.

    Капката на незадоволството кај трговците ја прелеа последниот сет замрзнувања на цените на некои видови зеленчук и овошје, во пресрет на Велигденските и Рамазанските празници. Одлуката ќе важи до 30 април годинава, а за потоа, како по обичај, ништо не се знае. Во еден допис до министерот за економија Крешник Бектеши, трговците, здружени во Стопанската комора на Северна Македонија, направиле пресек на цените по кои тие ги набавуваат производите на големо, од кој јасно се гледа дека тие цени се повисоки од цените во малопродажба. Пресекот е од 4 април и изгледа вака:

    Што ни кажува оваа табела? Кај сите производи освен кај портокалот, набавната цена односно цената по која тие ги купуваат производите „на големо“ е повисока од малопродажната цена по која ги продаваат. При тоа, треба да имаме на ум дека под малопродажна цена се подразбира цената на рафтот, онаа што ја плаќа купувачот. Во загубата на трговецот, која е евидентна, не се вкалкулирани и маржата, како и трошоците за кало, растур, складиштење, пакување, дистрибуција и слично. Трговците предупредуваат дека со вакви замрзнати цени домашните увозници ќе бидат принудени да ги повлечат своите производи, а рафтовите во маркетите ќе останат празни. Затоа трговците бараат оваа одлука да се повлече.

    Како ќаруваат босовите на Кванташки пазар?

    Но, тоа најверојатно нема да се случи. Владата и досега донесе низа нелогични мерки за максимирање на цените на прозиводите, а неодамна министерот за економија Крешник Бектеши се пофали дека анализите во неговиот ресор во синџирот на снабдување „откриле“ неверојатно маржи од 100 до 200 проценти, што ќе рече дека некои трговци на големо овие производи ги набавувале по цени двојно, па и тројно пониски од оние кои сега се прикажани како набавни цени на големо.

    Како е тоа можно? Дали министерот Бектеши лаже?

    За ова прашање разговаравме со битни луѓе од две големи трговски компании и од нив добивме речиси идентични објаснувања. Ќе ги сумираме во единствен одговор:

    – Не, министерот Бектеши не лаже. Сосема е можно, анализирајќи го текот на увозот на некои производи од страна на трговци кои „палат и гасат“ на Кванташки пазар, министерот да дошол до лажните фактури што се прикажуваат во Царината. Ова е јавна тајна, која во нашите кругови е позната со години. На Кванташки пазар главни босови се трговци кои набавуваат производи од странство, по набавни цени слични како оние што ние ги сумиравме на 4 април. Но, за да се намалат царината и даноците, фактурите што се прикажуваат при царинењето се со многу помала вредност од реалната. Тоа се тие фактури што веројатно ги видел Бектеши. Остатокот, нормално, се плаќа во кеш.

    Да, но од каде толку кеш?

    – Кешот доаѓа од зелените пазари. Како што е познато, зелените пазари не се фискализирани, а определба е фискализацијата да се случи дури откако Македонија ќе влезе во ЕУ. Сопствениците на тезгите на Кванташки пазар купуваат во кеш. Секоја вечер таму се бројат огромни количества кеш. Босовите на Кванташки тој кеш понатаму го употребуваат за доплата на производите што ги купиле со смешните фактури, коишто веројатно ги видел Бектеши. Дополнителен проблем е што потоа набавните цени на Кванташки пазар можат да бидат и пониски од цените по кои ние директно ги увезуваме истите производи, па затоа и ние често купуваме на Кванташки. Така хаосот се комплетира – објаснува извор добро упатен во трговијата.

    Затоа, на пример, сосема е можно министерот Бектеши да имал увид во фактури приложени во Царината, од кои се гледа дека некој увезувал свежи домати по цена од 35 денари за килограм. Ако некој навистина купил домати по таа цена и потоа ги продавал на Кванташки по 75, 80 или 85 денари, тогаш министерот би бил во право и би имало логика цената на доматите да се замрзне на 70 денари. Само, сите трговци знаат дека никаде нема такви цени на големо. Доматите во Албанија и во Грција можат да се набават по цена од 85 до 90 денари. Босот од Кванташки можеби можел да постигне и цена од 75 или 80 денари – бидејќи кешот секаде „владее“, нели – но не пониско од тоа.

    Кај некои производи и царината е висока. Кога стоката се увезува од земјите на ЦЕФТА (Македонија, Србија, Албанија, Косово, Црна Гора, Босна Херцеговина и Молдавија) нема царина, но со лажните фактури се ќарува на даноците. Од други земји има царина, која е променлива. Кај тие производи се ќарува двојно. Кога кромидот, на пример, се увезува од земјите на Европската Унија, царината варира од 25 до 40 отсто. Во секој случај, со лажните фактури и со плаќањето во кеш некои трговци заработуваат многу, но ќар од тоа немаат ни маркетите, ни тезгеџиите на зелените пазари, а ни купувачите.

    Сепак, како што веќе рековме, поради разни интереси и од други причини, во следните десеттина години најверојатно нема да се најде јунак што ќе ја сузбие сивата економија во овој сектор. Кешот ќе остане да владее. Останува дилемата што ќе се случува со цените и дали ќе се остварат предупредувањата дека некои производи ќе ги снема од рафтовите и од тезгите.

    Нашето истражување и анализата на владините мерки што ја прават некои добри познавачи на состојбите во трговијата покажуваат дека апокалипса нема да се случи, но веројатно ќе дојде до значително осиромашување на понудата на производи. А еве и зошто.

    Розов или црвен домат, еписибир?!

    За разлика од некои земји, каде што се формираат т.н. социјални кошнички на производи со максимирани цени, во кои влегуваат само некои основни прехранбени производи и тоа само од еден вид  – на пример, еден вид масло за јадење, еден вид брашно, еден вид тоалетна хартија итн. – кај нас се замрзнуваат цените на сите видови од еден производ. Згора, бројот на производи „под мраз“ постојано се шири, често и надвор од секаква логика.

    Така, на пример, кога се вели дека е замрзната цената на доматите, кај нас тоа значи буквално на сите видови домати. Тој што ја вовел оваа мерка како да не знае дека розовиот домат е речиси двојно поскап од црвениот домат. Шери доматите се уште поскапи. Но, патлиџан си е патлиџан, тоа е „објаснувањето“ што го добиваат трговците. Додуша, постои некаков премолчан договор инспекциите да ги толерираат повисоките цени на розовите и на шери доматите, но трговците не спијат на тоа уво, бидејќи се во немилост на инспекторите и плаќаат илјадници евра за казни.

    Сличен е примерот и со гравот. Ако има некаква логика да се контролира цената на белиот грав – чија набавна цена е неверојатни 140 денари за килограм, а на рафтот треба да се продава за само 75 денари! – зошто да се контролира цената на шарениот грав, кој е поскап? Гравoт си е грав, велат владините „мудреци“. Исто е и со српските и со италијанските тестенини.  Тоа што српските реално се многу поевтини, не ги спречува „мудреците“ да ги стават под мраз и цените на италијанските тестенини. Замислете, едно време беше замрзната и цената на тортелините. А и на скапите сирења – дениш блу, горгонзола, ементал итн. Надвор од секаква логика!

    Или, која е смислата да се ограничат цените на сите видови тоалетна хартија, на сите видови влажни марамчиња, или на сите видови влошки?

    Интересно е она што се случува со лебот, чија цена е под мраз веќе подолго време. Тука постои т.н. социјален леб со замрзната цена, додека цената на другите видови леб не е ограничена. Но, власта ги обврзува сите маркети да продаваат 80 отсто од лебот со замрзната цени и 20 отсто од другите видови. Демек, да има народот и леб за „луксузирање“. Арно ама, искуството на големите маркети покажува дека потрошувачката на лебот чија цена сега е под мраз достигнува некаде околу 60 отсто, додека 40 отсто од купувачите купуваат други видови леб. Ако маркетот сака да го содржи соодносот 80:20, како што и мора, кога ќе се потроши лебот за „луксузирање“, треба некако да ги натера сите купувачи да купуваат од т.н. социјален леб. Каква грандиозна глупост!

    Во стоковите резерви лежи змија, затоа таму не се пипа!

    Пред конечно да одговориме на прашањето што ќе се случува на рафтовите и на тезгите после најновите владини мерки, треба да се осврнеме и на тоа како другите држави се обидуваат да ги контролираат цените на прехранбените производи. Вакви ограничувања какви што воведуваат властите во Македонија нема никаде во Европа, но факт е дека и на други држави не им е туѓ државниот интервенционизам на пазарот. Сепак, тоа сепак се прави поинаку, поорганизирано и осмислено.

    И во Србија, на пример, има ограничувања на цените. Но, кога се максимира цената на лебот, државата на производителите им гарантира евтина пченица. Србија ги контролира цените на месото и на месните производи, но затоа на производителите им обезбедува суровина (смрзнато мелено месо) по ниски и гарантирани цени. А кај нас не е така. Сега и во Македонија се заговара замрзнување на цените на месото, но никој не зборува за набавки на основната суровина по цени кои ќе им овозможат на производителите и на трговците да ја преживеат кризата без фатални загуби. И едните и другите се оставени сами на себе, бидејќи очигледно е дека определбата е тие да го понесат товарот на кризата.

    Македонија не е економски моќна како Србија, но и таа има еден ресурс со кој може битно да влијае врз цените на производите на пазарот и врз кондицијата на производителите и на трговците. Тоа се стоковите резерви. Но, еве што велат нашите извори од секторот трговија за ова:

    – Државата цврсто ја држи затворена вратата од стоковите резерви. Како таму да лежи некоја змија што не смеат да ја разбудат. Целиот товар на кризата паѓа врз производителите и врз трговците. Врз „профитерите“, како што нѐ нарекуваат. Таква фама шират во јавноста. Ни ги бројат профитите и шират перцепција дека со тие пари ние си купуваме јахти и луксузни автомобили. Додека тие се фалат со камен темелници и со смешни инвестиции, не ги гледаат нашите инвестиции. Не гледаат како се шири трговската мрежа, како се вработуваат луѓе, како се развиваат бизнисите. Дали е тоа лошо за државата? Или можеби државната каса се полни на Кванташки пазар и од сивата економија? Дали ние во Македонија сѐ уште зборуваме за пазарна економија, или веќе сме се вратиле во 1945 година?

    Ќе гнетеме јуфки и бел грав „тетоец“ од Киргистан и ќе бидеме среќни

    И сега доаѓаме до клучната дилема – што навистина ќе се случува на пазарот за време на празниците и до 30 април.

    Во принцип, никој не почнува бизнис со намера да го затвори и да пропадне. Трговците сакаат да имаат богати рафтови и задоволни купувачи. Треба да се верува дека тие ќе направат сѐ што е во нивна моќ за да обезбедат квалитетно снабдување на пазарот со храна и со други стоки за широка потрошувачка. Ќе стиснат заби и ќе претрпат големи штети, но веројатно нема да ги дочекаат купувачите со празни рафтови. Дел од своите профити ќе жртвуваат и босовите од Кванташки пазар, бидејќи и тие сакаат да ги задржат своите муштерии.

    Во овој претпразничен и послепразничен спринт, од Велигден и Рамазан до Први мај, веројатно нема да има големи нарушувања во снабдувањето. Ако со некои производи се случи пех, тоа ќе значи само едно – дека догорело пред очекувањата.

    Но, политиката на продолжена и масивна контрола на цените, каква што води сега македонската влада, неминовно ќе доведе до проблеми во снабдувањето и до промени на навиките на купувачите. Политиката ги наведува и трговците и потрошувачите да се преориентираат кон поевтини производи и да се откажат и од пласман и од купување на т.н. луксузни производи. При што не се мисли на кавијар и на тартуфи, туку на некои вообичаени нешта на кои веќе сме навикнати.

    Трговците ќе сфатат дека не можат да ја бијат битката за побогат асортиман лебови, на пример, кога државата грчевито го форсира т.н. социјален леб. Можеби и потрошувачите сега ќе мора да заборават на чијабата и на ‘ржан леб. Ќе се навикнуваме на српски наместо на италијански тестенини. Јуфки наместо тортелини. Бел грав „тетоец“ од Киргистан наместо шарен. Евтино наместо поскапо масло за јадење. Црвени наместо розови или шери домати. Евтино домашно наместо скапи увозни сирења. Обична наместо луксузна тоалетна хартија, ќе издржиме некако без трослојната…

    Потрошувачите ќе се навикнат и ќе ги намалат очекувањата, а трговците нема да има кому да продаваат производи кои сега и официјално ќе се сметаат за луксуз. Дури и оние што се спремни да платат без да прашуваат за цените, тешко ќе ги најдат посакуваните производи. Чекор по чекор, нашите маркети ќе почнат да наликуваат на некогашните самопослуги на „Центро“ и на „Славија“. Натаму одиме…

    Наместо директно да им помогне на сиромашните, „добрата држава“ тера кавга со „лошите бизнисмени“

    Дали од ситуацијата ќе профитираат домашните производители на храна? Дали ќе се преориентираат на извоз? Многу тешко. Системските проблеми наталожени со години сериозно го обременуваат производството на храна. Во Македонија веќе подолго време речиси да не се произведуваат јајца или грав, на пример. Општо земено, колку повеќе се субвенционира производството на храна, толку помалку се произведува. А да се зборува за „преориентирање кон извоз“ е главно млатење празна слама – на странските пазари никој не нѐ чека да нѐ гушне, таму сме соочени со жестока конкуренција. Освен тоа, државите на разни начини го штитат сопственото производство и воопшто не е лесно да се продре на тамошните пазари и да се освојат, како што Србија и Албанија, на пример, лесно го освојуваат македонскиот пазар.

    Не само што не треба да се очекува некаков пробив на македонски производи на соседните производи, туку може да се очекува нешто сосема спротивно на тоа – навалица од шопинг туристи од соседните земји и напад врз производите со замрзнати цена. Во моментот кога Владата ја замрзна цената на доматите на 70 денари за килограм, доматите во „Лидл“ се продаваа по цена од 105 денари, згора таа цена беше акциска. Нема да биде изненадување Србите, Бугарите, Грците, па и Албанците и Косоварите утре да тргнат во шопингарски походи во Македонија, па тепачките кои досега ги гледавме во маркетите на „Лидл“ во Србија да ги гледаме и во нашите маркети и на тезгите на нашите зелени пазари.

    Конечно, ако продолжат сегашните политики на македонските власти и начинот на кој се остварува контрола на цените, порано или подоцна, кризата во снабдувањето со храна, особено во услови на глобален пораст на цените, ќе доведе до инцидентни состојби односно до недостиг на одделни производи. Трговците и луѓето од бизнисот велат дека има начин да се спречи тој тренд, но потребно е да се фати нов курс и да се напушти оваа државна контрола во вака широк обем и без јасен фокус на одделни витални производи. Исто така, многу е важно да се активираат и стоковите резерви.

    А најважно од сѐ е да се премине кон драстично поинаков модел на поддршка на населението да ја преживее кризата. Клучно е да се формираат социјални потрошуавчки кошнички и да се организираат директни социјални трансфери кон ранливите категории население. Поинаку кажано, државата треба директно да им помага на сиромашните, а не да го ограничува пазарот мислејќи дека така ги казнува богатите. На сиромашните не им се помага со тоа што богатите се тераат да јадат т.н. социјален леб.

    На семејствата кои одвај врзуваат крај со крај треба директно да им се помогне да се снабдуваат со евтин леб, со масло по пристојна цена, евтини тестенини, со одредени видови зеленчук и овошје и воопшто, со пристапни цени за основните производи за широка потрошувачка. Таквите модели се популарни во Европа, а добар пример за нас е соседна Грција.

    Нашето истражување покажа дека македонските власти ги дизајнираат мерките на контрола на цените и на влијание врз економските текови без редовни и квалитетни консултации со бизнис заедницата, во случајов без плодна комуникација со трговците. Наместо тоа, се форсира некаков измислен конфликт меѓу „добрата држава“ и „лошите бизнисмени“. Во јавноста се креира одиум кон компаниите и кон нивните сопственици и менаџери, кон тие коишто во овие три децении суштински придонесоа пазарот во Македонија да биде снабден со квалитетни и релативно евтини производи и барем по тоа да не заостануваме зад земјите на развиена Европа.

    Таа кавга нема никаде да нѐ одведе. Само од лошо кон полошо…

    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img