Кај децата во земјава земаат замав дебелината, анксиозноста и стравот

Lorita
By Lorita 6 Min Read
Disclosure: This website may contain affiliate links, which means I may earn a commission if you click on the link and make a purchase. I only recommend products or services that I personally use and believe will add value to my readers. Your support is appreciated!

Претставничката на УНИЦЕФ Патриција ДиЏовани во својата изјава по повод 30 години од воспоставувањето соработка со Македонија и откако државата ја потпиша Конвенцијата за правата на детето, вели дека, и покрај тоа што помалку деца умираат денес отколку пред 30 години, земјата сѐ уште има висока перинатална стапка на смртност во споредба со земјите-членки на ЕУ и членките на Здравствената мрежа на Југоисточна Европа.
„Поради дезинформации, децата испуштаат шанса да примат вакцини кои спасуваат живот. Освен тоа, дебелината кај децата зема замав, со што цели генерации се во ризик од проблеми со физичкото и менталното здравје во иднина. Мора да се зголемат инвестициите за подобрување на квалитетот и опфатот на специјализирани услуги за здравјето на мајките и децата. За да се спречи смртноста што се должи на причини што може да се спречат, за да се зголеми свесноста за придобивките од вакцините и за да се обезбедат адекватни информации за антиваксерските движења, ни требаат програми што во својата работа се раководат со податоци и факти. Земјата треба да ги зајакне програмите за промоција на доењето и да организира кампањи за подигање на свеста за прашањата поврзани со исхраната и за добрите практики во исхраната“, вели таа.
Претставничката на УНИЦЕФ ги пофали реформите за деинституционализација, посочувајќи дека Македонија може да се гордее што успеа да постигне веќе да нема деца сместени во големи институции.
„Иако се потребни дополнителни заложби за да се спречи напуштањето на децата и за да се прошират услугите за згрижување, од суштинска важност за благосостојбата и развојот на децата е тие да растат во семејство полно љубов. Земјата треба да се гордее и со силната правна рамка за заштита на децата од насилство, злоупотреба и занемарување и обезбедување пристап до правда за сите деца, но под итно се потребни инвестиции во човечките, техничките и финансиските ресурси за да се спроведат национални акциски планови поврзани со заштитата на децата и да се прошират услугите за заштита на децата. Има исто така итна потреба од зајакнување на програмите за обука за родителство и од популаризација на ненасилни воспитни стратегии земајќи предвид дека сѐ уште има голем број деца што се изложени на насилни методи на дисциплинирање во семејството.

Пред КОВИД-19, земјата веќе беше соочена со криза во учењето. Повеќе од половина ученици на петнаесетгодишна возраст не ги задоволуваа основните нивоа на знаење по читање и математика. Сè уште не се познати ефектите од програмите за закрепнување од загубите во учењето за време на пандемијата. Исто така не е познато до која мера беа успешни заложбите на училиштата да ги опфатат децата кои се отпишале од училиште за време на КОВИД-19 . Зголемен е бројот на деца што покажуваат знаци на анксиозност и страв и затоа е потребна поддршка на менталното здравје во училиштата. Понатаму, како резултат од демографските промени кои не беа придружени со соодветни прилагодувања на мрежата основни училишта, распределбата на ограничените ресурси во образованието стана неефикасна и нерамноправна. Оттаму, предуслов за да се подобри квалитетот и инклузивноста на образованието за сите деца е зголемување на јавното финансирање и инвестициите во образованието“, вели таа.

Според претставничката на УНИЦЕФ, Остварливо е да се постигне секое дете да се развива, учи, да биде заштитено и да учествува, но сепак има веројатност дека во тој процес децата Роми, децата со попреченост и децата што живеат во сиромаштија ќе бидат запоставени.
„Поради пандемијата со КОВИД-19 и сѐ поголемата инфлација, расте бројот на деца што се во ризик од сиромаштија. Сиромаштијата поинаку ги погодува децата од возрасните и благосостојбата на децата зависи и од други фактори освен од приходот на семејството. Ускратувањата во раните години од детскиот развој, исхраната, образованието, безбедноста и љубовта и негата се меѓу петте најчести фактори што предизвикуваат повеќедимензионална детска сиромаштија. Децата со попреченост и понатаму наидуваат на бариери во поглед на пристап до редовното образование, а децата Роми и понатаму наидуваат на бариери во поглед на напредување во образованието. Овие неправични состојби ги држат во постојана состојба на исклученост и ги лишуваат од можноста да ги следат своите врсници во развојот. Невозможно е да гледаме кон иднината без да се осврнеме на правичноста, а првиот чекор во оваа насока треба да биде надминување на повеќекратната дискриминација на ранливите деца“, вели ДиЏовани.

Таа се осврнува и на климатската криза и нејзиното влијание врз децата денес и врз светот утре, посочувајќи на ранливоста на децата на загадувањето на воздухот и потенцирајќи дека Скопје и други градови во државата честопати се наоѓаат меѓу најзагадените градови на светот.

„За да се создаде подобра иднина за секое дете, сите членови на општеството треба да вложат енергија и да се посветат. Аспирациите на Македонија за подобрување на економската конкурентност и забрзување на интеграцијата во Европската Унија се пресудни за да се постигне побезбедна, отпорна, одржлива и просперитетна иднина за граѓаните. Дали ќе се постигнат овие цели зависи во голема мера од изградбата на здрава, образувана работна сила и од развојот на човечкиот капитал. Унапредувањето на правата на секое дете е важно за децата денес, но е исто така е и најдобриот начин за да се создаде помирен, просперитетен и праведен свет за сите“, вели таа.

Share This Article