Филмската приказна за момчето од Санто Доминго денеска го доби најубавото поглавје, откако Челзи по неколку месеци наддавање конечно се согласи да му плати на Брајтон околу 133 милиони евра за слободата на Мојсес Каиседо, кој потпиша осумгодишен договор со сините од Лондон, со можност за продолжување на уште една сезона.
Момчето кој како најмал од десетте браќа и сестри сонувал дека еден ден ќе го издржува семејството од фудбалот, конечно ќе го исполни тој сон. Како момче, тој мораше да позајмува патики за да постигнува голови на правлив терен каде што со стативите играа два камења. Сега ќе може на целото семејство да му обезбеди се што ќе посака.
Тој беше откриен од локалниот тренер Иван Гуера, го однесе низ разни клубови пред да има проба што ја организираше еден од неговите браќа во Идепедиенте Дела Вале, клуб во предградијата на Кито, главниот град на Еквадор. Индепедиенте од трансферот на Каиседо ќе заработи рекордни 27 милиони евра, откако при продажбата во Брајтон (пет милиони) вметнаа клаузула дека од следниот трансфер на Мојсес ќе добијат 20 отсто од вкупната бројка на следниот трансфер.
Сепак, ниту почетокот на европската авантура на Каиседо не беше како сон. Првите неколку месеци играше за У20 тимот на Брајтон, пред да се пресели на позајмица во Бершот на последниот ден од летниот преоден рок во 2021 година.
Иако клубот испадна од елитните редови на Белгија, Каиседо покажа знаци дека е сериозен играч. Тоа го потврди со враќањето во Брајтон каде доби посериозна минутажа. Челзи имаше намера да го доведе во зима, но Брајтон упорно ги одбиваше понудите додека не ја добијат сумата што ја посакуваат. Иако во еден момент Ливерпул се вклучи во целата приказна, Каиседо беше експлицитен и го сакаше само Челзи. Желбата му се исполни, сега останува да го продолжи метеорскиот подем и да оправда уште една баснословна цифра платена од касата на „Стемфорд Бриџ“.
Десетте најскапи трансфери во светот
Нејмар (Барселона – ПСЖ) 220 милиони евра
К. Мбапе (Монако – ПСЖ) 180 милиони евра
Ф. Кутињо (Ливерпул – Барселона) 135 милиони евра
У. Дембеле (Борусија Д. – Барселона) 135 милиони евра
М. Каиседо (Брајтон – Челзи) 133,4 милиони евра
Ж. Феликс (Бенфика – Атлетико) 127,2 милиони евра
Е. Фернандез (Бенфика – Челзи) 121 милиони евра
А. Гризман (Атлетико – Барселона) 120 милиони евра
Ј. Грилиш (А. Вила – М. сити) 117,5 милиони евра
К. Роналдо (Реал Мадрид – Јувентус) 117 милиони евра.