Чеченскиот лидер Рамзан Кадиров го критикуваше раководството на руската армија за украинската офанзива на североистокот на Украина. Кадиров на својот канал Телеграм предложи дека рускиот претседател Владимир Путин можеби не е свесен за реалната ситуација, пишува Гардијан.
„Направија грешки и мислам дека ќе ги донесат потребните заклучоци. Доколку денеска или утре нема промени во стратегијата, ќе бидам принуден да разговарам со раководството на Министерството за одбрана и раководството на државата за да им ја објаснам реалната состојба на теренот. Тоа е многу интересна ситуација. Би рекол дека е зачудувачка“, објави Кадиров на Телеграм, пишува Гардијан.
Кремљ не ги контролира изјавите на Рамзан Кадиров
Од почетокот на војната во февруари, Крмељ замолчуваше различни личности со либерални ставови кои ја критикуваа војната. Но, како што работите се влошуваат на бојното поле, Путин е цел на критики.
Тоа особено се гледа од објавите на одредени руски воени блогери, кои од почетокот беа за војната во Украина, а сега го критикуваат Кремљ за лошата стратегија. Еден од нив е поранешниот офицер на ФСБ, Игор Гиркин, кој минатата недела напиша дека Русија веќе ја изгубила војната.
Во борбите учествуваа многу единици од Чеченија, а иако Кадиров изгледа многу лојален на Москва, тој е еден од ретките политичари чии пораки не се целосно контролирани од Кремљ, пишува Гардијан.
Фокусот сега е на Путин и како тој ќе одговори на повлекувањето. Тој претходно ги премолчи тврдењата дека направил ужасна погрешна пресметка во февруари кога мислел дека руската војска може да ја прегази Украина за неколку дена.
Во неодамнешниот говор Путин рече дека Русија не изгубила ништо за време на војната. Со оглед на тоа дека загубите во последните денови се големи, на руските граѓани ќе им биде тешко да поверуваат во зборовите на Путин. Руски воени блогери го критикуваа Путин во саботата дека присуствувал на прославата на Денот на Москва додека од бојното поле доаѓале катастрофални вести.