ЈП ,,Национални шуми” од денеска од Куманово започнува голема акција на пошумување, на 34 различни локации во државата, во 19 различни реони. Ќе се пошумува и на нови површини, а ќе се пошумуваат и опожарени површини од големите пожари од 2021 во Малешевијата.
Заедно со голем број општествено-одговорни компании и граѓански организации ќе бидат посадени 1.200.000 садници, од најразлични видови дрвја за кои дадоа согласност Шумарскиот факултет и стручните лица во „Национални шуми“.
Јасен, бел бор, јавор, багрем, даб, чемпрес, костен, ќе бидат посадени оваа зима и наредната пролет на повеќе од 400 хектари површина низ цела Македонија.
Целокупниот расаден материјал го обезбедува „Национални шуми“ од нивните расадници во Свети Николе и Куманово, кои се осовремени и произведуваат садници од контејнерски тип, кои се многу поотпорни на климатските промени од обичните садници.
Акцијата е поддржана од Министерството за земјоделие, од Министерството за животна средина, од компании, како и од граѓански организации.