Почнувајќи од декември годинава најранливите категории граѓани ќе добијат финансиска поддршка, како дел од новиот пакет антикризни мерки. Не е исклучена и можноста да се прошири опфатот на граѓаните кои се детектирани како најранливи категории – изјави министерката за труд и социјална политика, Јованка Тренчевска на денешната конференцијата „Нови форми на вработување на променливиот пазар на трудот”, во организација на Меѓународната организација на трудот, Здружението за трудово и социјално право и Импакт фондацијата.
– Самохраните родители, приматели на гарантирана помош, лица со попреченост, над 26 години и деца со попреченост, лица кои имаат надоместок согласно Законот преку Агенцијата за вработување, во наредните четири месеци ќе добиваат 3.000 денари месечно, како дополнителен приход. Пензионерите со пензија до 14.000 денари ќе бидат поделени во две категории. Првата категорија е со минимална пензија до 11.525 денари. Оваа категорија ќе има дополнителен приход од 1.500 денари во наредните четири месеци. Втората категорија на пензионери со пензија од 11.525 до 14.000 денари ќе има дополнителен приход од 750 денари месечно. Примателите на туѓа нега ќе добиваат по 3.000 денари месечен приход, во наредните четири месеци, а лицата со надомест за телесно оштетување по 750 денари – појасни Тренчевска.
Министерката информираше дека се дефинираат нови мерки и за стопанството, кои наскоро ќе бидат објавени, а наскоро ќе биде финализиран и предлог-текстот на новиот Закон за работни односи.