Селекторот на кошаркарската репрезентација, Александар Јончевски на почетокот на подготовките за престојните квалификациите за Евробаскетот кој ќе се одржи во 2025 година, изјави дека било каков триумф над првиот пртивник Естонија ќе биде задоволителен, откако се работи за репрезентација која е во подем.
– Тие имаат девет интернационалци кои настапуваат во силните европски лиги. Тоа е репрезентација која можеби ќе атакува и на многу повисок пласман, отколку само настап на Европско првенство. Како и да е, имаме свои адути, играме на домашен терен и верувам дека атмосферата која што ќе биде направена во „Кале“ ќе биде на едно задоволително ниво. Играчите ќе дадат максимум и тоа ќе биде мотив плус и шанса за позитивен исход – изјави селекторот.
„Црвено-жолтите“ квалификациите ги започнуваат на домашен терен на 23 февруари (петок) со почеток од 19.часот, против селекцијата на Естонија, а три дена подоцна нашите најдобри кошаркари ги очекува и средбата против Полска на гости.
За разлика од претквалификациите, каде клучен дел од нашиот репрезентативен тим беше натурализираниот Ти Џеј Шортс, овој пат селекторот Јончевски се одлучи за промена на „странската“ позиција во тимот.
Македонскиот дрес ќе го облече Итан Хап, 27 годишниот центар на Гран Канарија кој во текот на утрешниот ден ќе се приклучи на подготовките.
– Ти Џеј Шортс нема да биде во овој прозорец. Не сме се откажале од него, тој беше еден од најзаслужните за претквалификациите, но затоа што сме дефицитарни на високите позиции без Симиќ и Младеновски од кои едниот целосно се откажа од кошарка, а другиот три месеци не беше во тренажен процес бевме принудени да се одлучиме за Хап кој и претходно доби државјанство. Тоа е повеќе стратешка околку изнудена одлука – дополни селекторот.