Премиерот Христијан Мицкоски денеска изјави дека имаат индиции за лица, кои располагаат со милионски суми, а дел од нив биле високи функционери во поранешни влади, кои се обидуваат да мобилизираат луѓе на терен со цел да се дестабилизира меѓуетничката хармонија во земјава. Тој нагласи дека порано или подоцна сторителите на овие провокации ќе одговараат.
– Имаме индиции за елементи, кои што располагаат со огромни милионски суми на пари, дел од нив се високи функционери во поранешни влади и кои што се обидуваат да мобилизираат луѓе на терен, во најголем дел да манипулираат. Она што мене особено ме загрижува е тоа што се обидуваат да провоцираат етнички конфликт, односно да ја дестабилизираат меѓуетничката хармонија во Македонија. Тоа е она кое што најмногу ме вознемирува бидејќи сфаќаат дека на друг начин тие не може да мобилизираат луѓе и сега единствениот начин е да испровоцираат ваков тип на конфликт. Тоа нема да го дозволиме. Апелирам и до јавноста и до медиумите и до граѓаните да се воздржат од какви било провокации, да ги игнорираат – изјави Мицкоски денеска одговарајќи на новинарско прашање во врска тврдењата дека има лица кои работат на дестабилизација на државата.
Тој денеска по посетата на Царинската управа нагласи дека порано или подоцна сторителите на овој тип провокации ќе одговараат и упати молба до јавноста да го задржи трпението.