По се изгледа во најновата сезона на популарното музичко шоу „Ѕвездите на Гранд“, Македонија има потенцијален кандидат за во финалето, а многумина веруваат дека тој ќе биде и еден од најсериозните учесници за првото место.
Се работи за скопјанецот Јасмин Алиевски, кого јавноста го знае како учесник во ова шоу од пред неколку години, но овој пат неговите досегашни претставувања во оваа сезона никого не оставаат рамнодушен.
Неговиот последен настап беше емитуван во саботното издание на музичкото шоу и очекувано, тој ги освои сите гласови од жири-комисијата и со тоа се пласира во следниот круг.
Јасмин настапи со две песни, првата беше песната на легендарниот Мишо Ковач – „Ако ме оставиш“, а втората беше нумерата „Кад се душе сретну“ на Фатмир Сулејмани.
– Првата песна многу убаво, втората исто така убаво. Интонативно можеше и подобро, но постои нешто во тебе – беше коментарот на строгиот Босанац.
– Ѓорѓе и тоа како работел со својот кандидат. Мене многу ми се допадна и заслужено одиш во следен круг – искоментира Вики Миљковиќ.
– Беше феноменален. Има една работа која ме воодушевува, а тоа е што создаде еден свој мал бренд. Имаш потег кој сум го видел кај Елвис Присли – го испофали Мили.
Пофални зборови имаа и останатите членови на жири-комисијата и сите се согласија во едно, а тоа дека Јасмин и тоа како ги заслужи сите гласови.