Јапонија денеска не успеа да ја лансира својата нова вселенска ракета H3, прва од ваков тип во последните три децении, бидејќи моторите на леталото не успеаја да стартуваат.
За време на настанот, кој се емитуваше во живо, тим инженери од јапонскиот космодром Танегашима не успеа да го запали главниот мотор на ракетата по завршувањето на одбројувањето на лансирањето, оставајќи ја ракетата висока 57 метри на лансирната рампа, заедно со сателитот за набљудување на копното Алос-3, кој е опремен со инфрацрвен сензор дизајниран да детектира балистички проектили, пренесува јапонската новинска агенција Kјодо.
Јапонската агенција за истражување на вселената соопшти дека ја истражува причината за дефектот на моторите.
Јапонија ја дизајнираше ракетата H3 за да обезбеди независен пристап до вселената за своите научни и воени тимови и да конкурира на глобалниот пазар за лансирање сателити.
Ракетата е дизајнирана да носи владини и комерцијални сателити во орбитата и да доставува екипажи до Меѓународната вселенска станица.
Планирано е идните верзии на ракетата да го носат товарот и до лунарната вселенска станица „Гејтвеј“, која НАСА планира да ја изгради како дел од програмата за враќање на Месечината.