Јаневска најави дека во околу 200 училишта наставата ќе биде во една смена

Lorita
By Lorita 6 Min Read
Disclosure: This website may contain affiliate links, which means I may earn a commission if you click on the link and make a purchase. I only recommend products or services that I personally use and believe will add value to my readers. Your support is appreciated!

Задоволна сум од сработеното и најавувам дека продолжуваме со исто силно темпо, максимално посветени кон учениците, студентите, наставниците, професорите, исто како и во првите 3 месеци. Отпочнати се крупни промени и им благодарам на сите кои учествуваат во нивното креирање и имплементирање. Имаме идентична цел и ќе продолжиме да градиме поквалитетно образование, за подобра иднина на младите во својата земја, изјави министерката за образование Весна Јаневска по повод 100 дена Влада.

– Моето прво, а воедно и реализирано ветување беше навремено достапни учебници за сите ученици. После седум години, за прв пат навремено се испорачани учебници за сите ученици. Над еден милион примероци беа поставени на училишните клупи, на првиот училишен ден. Успеавме да изработиме и повеќе нови учебници и наставни материјали по предмети за кои, до скоро воопшто немаше никакво помагало – десетина во основното и стотина нови наслови во средното стручно образование – рече Јаневска.

Во моментов се реализираат 36 капитални инвестиции во изградби и реконструкции на училишта, како и 40 помали санации на училишни објекти. Започната е и етапна реконструкција на државните студентски домови. Градежни активности се реализираат во „Кузман Јосифовски Питу“ и „Стив Наумов“ во Скопје, во вредност од 17 милиони евра.

– Во 140 училишта е воведена квалитетна, економична и ефективна едносменска настава, а наскоро бројот ќе се зголеми за 50тина. Заедно со наставниците се изработуваат нови наставни програми од седмо до деветто одделение, откако претходно беше стопирана Концепцијата за основно образование во овие одделенија и се одделија предметите кои, преку спојување на историјата со географијата и граѓанското образование, ги обезвредни претходната влада. По цели 20 години e започнат и процес на етапна изработка на нови наставни програми во гимназиското образование – рече Јаневска.

На прашање како ќе биде спроведена едносменската настава со оглед дека за тоа нема услови во сите училишта министерката вели:

– Нема капацитети во земјата за одеднаш да се тргне во едносменска и во целодневна настава во овој момент, но планот е таму кајшто има, а има речиси има секаде во внатрешноста на земјата, освен во неколку училишта во Скопје и во неколку поголеми градови, таму процесот да започне. Со Светска банка анализираме каде можеме приоритетно само со доградба на училници да започнеме со едносменската настава. Во 140 училишта за ова треба доградба на една до 15 училници. Тоа е голем зафат. За ова требаат капитални инвестиции и на иста линија сме со колегите од владата.

Јаневска вели дека едносменската настава е неопходна затоа што веќе е познато дека нашите ученици многу заостануваат зад своите врсници во Европа:

– Како да се назад три ипол години, имаат 900 часа помалку до 15 години, a со Косово и со Албанија се менуваме на последното место на меѓународното тестирање ПИСА. Притоа имаме 3.000 наставници вишок. Тоа значи дека тие работат во паралелки од 9, 12, 17 ученици. Имаме места во кои имаме паралелки од 5 деца, тие не се социјализираат, немаат со кого да се натпреваруваат и се во затворен круг без да примаат информации. Треба подрачните училишта да се централизираат и така да ги повлечат и наставниците. Но, со оглед дека нема ученици и многу луѓе се отселуваат, јас мислам дека овие 3.000 наставници можеме да ги искористиме, со дополнителен ангажман за да се подобри квалитетот на наставници. Како? Со тоа наместо од 8 до 11 часот, сега ќе се работи од 8 до 4 попладне, во нормална паралелка со над 20 ученици и со многу други предмети како изборните, кои порано ги немало. Преку нив децата ќе стекнуваат животни вештини и компетенции.

Меѓу другите информации, Јаневска информираше дека за прв пат во основните училишта се ангажирани над 1.000 образовни асистенти, а дека ќе се постапи и по дополнително пријавени потреби од страна на родителите и старателите во меѓувреме.

- Advertisement -
Ad image

Министерката откри дека се менува и законската регулатива заради повеќе и подобри образовни можности во Македонија.

– Пет закони се предмет на јавна дебата – за основно образование; за средно образование; за средно стручно образование и обука; за образование на возрасните; за Национална рамка на квалификации, а уште други 5, наскоро ќе треба да поминат низ филтерот на експертската јавност – рече министерката, додавајќи дека ја поништила и одлуката за основање на Факултет за здравствени науки на Меѓународниот универзитет во Струга, кој не ги исполнувал условите за почеток со работа.

Министерката Јаневска спомена дека буџетот на МОН пред три месеци е затекнат во минус од 5 милијарди денари, но со ребалансот дел од парите биле вратени во касата за да можат да се сервисираат услугите и да се исплатат сите задоцнети обврски кон граѓаните, како и кон институциите на кои, како што рече, срамно е да им должиме, потсетувајќи дека претходната Влада не исплатила средства за учество во ПИСА 2022, за учество во Хоризонт програмата на ЕУ и во Фулбрајт програмата на САД.

- Advertisement -
Ad image

– Сета негрижа која постоеше до јуни, ја заменивме со 100-процентна посветеност кон чинителите на образовниот процес. Ги стопиравме лошите политики кои го намалија бројот на ученици за 17.000 во изминатите 7 години. Покажуваме дека не сме сите исти и дека ако се сака, може да се направи повеќе за секој еден граѓанин на нашата заедничка држава – додаде Јаневска.

Share This Article