Израел продолжува со нападите врз палестинската енклава и покрај обновените напори за прекин на огнот во Газа. Во текот на ноќта израелските сили убиле најмалку 22 лица, а според Сириската опсерваторија за човекови права, нападнале и територија на Сирија, при што загинале најмалку 12 борци.
Израелската армија уби најмалку 12 лица за време на гранатирањето на Рафа и Хан Јунис во јужниот дел на Газа, дом на огромното мнозинство внатрешно раселени Палестинци. Уште десет лица загинаа во бегалските кампови во централниот дел на уништената енклава, јавува палестинската новинска агенција Вафа.
Во текот на ноќта напади на сириска територија извршиле и израелските воздухопловни сили, соопшти Сириската опсерваторија за човекови права. Невладина организација со седиште во Англија извести за напад на фабрика во близина на Алепо на северот на земјата, во кој најмалку 12 „проирански борци“ од Сирија и од странство беа убиени по серија силни експлозии.
Сириската армија исто така го потврди израелскиот напад без да даде детали, наведува француската новинска агенција АФП.
Израел често ја бомбардира соседна Сирија, чиј дел е окупиран од 1967 година. Нападите главно се насочени кон групи поддржани од Иран, меѓу кои е и Хезболах. По нападот на членовите на палестинското движење Хамас врз Израел на 7 октомври, израелските сили ги засилија нападите и врз Сирија и Либан