Бројот на жртвите во војната меѓу Израел и Палестина постојано се зголемува, а не стивнуваат и апелите за помош и ослободување на киднапираните од почетокот на конфликтот. Меѓу нив се жени, странски туристи и деца. едно од тие деца е и малиот Охад.
Токму за ова дете израелскиот амбасадор во Србија Јахел Вилан побара помош од тенисерот Новак Ѓоковиќ.
Момчето кое е еден од големите фанови на Ѓоковиќ е киднапирано на 7 октомври и има 9 години.
Вилан во оваа прилика на својот официјален „Х“ профил објави фотографија од момче кое држи рекет и го повика Ѓоковиќ на помош.
„Ова израелско момче по име Охад е твој голем обожавател. Тој е многу љубител на спортот и игра тенис неколку пати неделно. За жал, повеќе не. Тој беше киднапиран од терористите на Хамас на 7 октомври. Денеска му е 9-ти роденден и веројатно е сам во некоја темна соба во Газа. Би сакале да му испратите роденденска честитка и да го поддржите безусловното ослободување на сите заложници кои ги држи Хамас, вклучително и повеќе од 30 бебиња и деца“, напиша израелскиот амбасадор.