Експлозии и сирени за воздушен напад се слушнаа во Израел рано утринава откако Иран истрела стотици беспилотни летала, балистички крстосувачки ракети во директен напад, објавија израелските медиуми.
Портпаролот на израелската војска Даниел Хагари изјави дека биле истрелани повеќе од 300 беспилотни летала и проектили, но 99 отсто од нив биле пресретнати.
Хагари рече дека Иран истрелал 170 беспилотни летала, повеќе од 30 крстосувачки ракети и повеќе од 120 балистички ракети, но само неколку балистички проектили стигнале до израелска територија, предизвикувајќи мала штета на воздушната база.
Тој го опиша овој резултат како „исклучително значаен стратешки успех“.
Израел утрово го отвори својот воздушен простор, кој беше затворен поради иранскиот напад.
Во соопштението на израелските аеродромски власти се вели дека израелскиот воздушен простор е повторно отворен, но на патниците од Тел Авив им се советува да го проверат распоредот на летовите поради нарушување на распоредот на летови.
– Израел ќе победи откако ќе се одбрани од налетот на ирански беспилотни летала и ракети – изјави денеска израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху.
„Пресретнавме, одбивме, заедно ќе победиме“, напиша Нетанјаху во кратка објава на мрежата Х.
Изјавата на Нетанјаху уследи по двочасовната проценка на ситуацијата со министерот за воен кабинет Бени Ганц и министерот за одбрана Јоав Галант, наведува Тајмс оф Израел.
Иран синоќа лансираше стотици беспилотни летала и крстаречки ракети кон Израел, како одмазда за нападот врз иранскиот конзулат во Дамаск во кој загинаа командантот на Револуционерната гарда во Сирија и Либан, Мохамед Реза Захеди и неговиот заменик, како и петмина полицајци кои ги придружувале.
Во меѓувреме, британскиот премиер Риши Сунак го осуди „непромислениот“ напад на Иран врз Израел, за кој рече дека ја покажува неговата „намера да направи хаос во својот двор“.
– Овие удари се закануваат да ги разгорат тензиите и да го дестабилизираат регионот. Иран уште еднаш покажа дека има намера да направи хаос во својот двор. Велика Британија ќе продолжи да се залага за безбедноста на Израел и безбедноста на сите наши регионални партнери, вклучително и Јордан и Ирак – рече Сунак.
Италија со внимание и загриженост ја следи ситуацијата по испраќањето ирански беспилотни летала против Израел, објави италијанскиот министер за надворешни работи Антонио Тајани на мрежата Х.
„Внимателно и со загриженост следиме што се случува на Блискиот Исток. Зборував со премиерката (Џорџа Мелони) и министерот за одбрана (Гвидо Крозето) – Владата е подготвена да се справи со секое сценарио“, рече Тајани.
Претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен го осуди воздушниот напад на Иран врз Израел.
Во објава на мрежата Х утринава, Фон дер Лајен го повика официјален Техеран веднаш да ги прекине воздушните напади.
„Силно го осудувам бесрамниот и неоправдан напад на Иран врз Израел и го повикувам официјален Техеран и неговите претставници веднаш да ги прекинат овие напади“, порача Фон дер Лејен.