Израел изврши серија смртоносни напади врз Либан

Lorita
By Lorita 5 Min Read
Disclosure: This website may contain affiliate links, which means I may earn a commission if you click on the link and make a purchase. I only recommend products or services that I personally use and believe will add value to my readers. Your support is appreciated!

Израел изврши серија воздушни напади во областа Набатиех, јужен Либан, како одговор на ракетен истрел на Хезболах во близина на караулата, а овие напади се најсмртоносни откако стапи на сила прекинот на огнот минатата недела, објави британски Гардијан.

Израелскиот премиер, Бенјамин Нетанјаху, вети дека ќе има силен одговор на нападот на Хезболах, а израелската војска подоцна соопшти дека „погодила терористи на Хезболах, десетици лансери и терористичка инфраструктура во Либан“.

Либанското Министерство за здравство соопшти дека најмалку 9 лица се убиени во израелските напади врз двата јужни града Харис и Талуса. Ова бомбардирање од страна на Израел е најзначајниот напад откако беше воспоставен прекинот на огнот во средата.

Израел го прекршил договорот за примирје 52 пати

Израелската војска претходно изврши неколку напади во текот на изминатата недела, но со помал интензитет. Израелските медиуми во неделата објавија дека Франција, која треба да го надгледува спроведувањето на договорот, го обвини Израел дека го прекршил договорот за прекин на огнот 52 пати од неговото воспоставување.

Хезболах претходно во понеделникот вечерта лансираше две ракети во близина на караула во окупираните фарми Шеба. Тие слетале на отворен простор и не предизвикале повреди. Во соопштението, групата рече дека нападот на караулите бил „почетен предупредувачки одбранбен одговор“ против „повторените прекршувања“, од страна на Израел, на договорот за прекин на огнот.

Обновувањето на нападите во јужен Либан и во северен Израел предизвика загриженост дека борбите меѓу Хезболах и Израел би можеле да продолжат само пет дена по објавувањето на прекинот на огнот.

Жителите на јужен Либан се уморни од насилството

Жителите на Либан се подготвуваа за одговорот на Израел на нападот на Хезболах, во понеделникот вечерта, а сведок изјави дека луѓето почнале да го напуштаат Дахије, јужните предградија на Бејрут каде што Хезболах ужива силна поддршка, набргу откако Нетанјаху вети дека ќе возврати.

– Уморни сме, не можеме повеќе да се справиме со ова. Луѓето едвај се вратија во своите домови – рече Али, жител на Бејрут од Јужен Либан.

Борбите му предизвикаа огромна штета на Либан, со речиси 4.000 луѓе убиени во израелските напади, повеќе од 1 милион луѓе раселени и 6,7 милијарди фунти штети во последните 13 месеци. Жителите на јужен Либан штотуку почнаа да се враќаат во своите домови, оваа недела, за да започнат со поправки. Во северен Израел, повеќе од 60.000 луѓе остануваат раселени поради ракетите на Хезболах.

- Advertisement -
Ad image

Прекинот на огнот наложува израелските војници да го напуштат јужниот дел на Либан, а борците на Хезболах да ја напуштат областа јужно од реката Литани, околу 30 километри северно од израелско-либанската граница, во рок од 60 дена. Договорот им стави крај на 13-месечните борби што започнаа откако Хезболах лансираше ракети кон Израел на 8 октомври 2023 година, „во знак на солидарност“ со нападот на Хамас, еден ден претходно.

Двете страни немаат еднакво право на самооодбрана

Клучна точка на спор во прекинот на огнот се врти околу правото на Израел еднострано да реагира против она што го смета за прекршување на примирјето. Израел побара гаранции од САД дека може самостојно да преземе акција против Хезболах доколку либанската армија не успее да го спречи Хезболах да дејствува во јужен Либан.

Израелските власти нагласија дека ќе го задржат правото да извршуваат напади и повторно да го отворат фронтот во Либан доколку почувствуваат дека договорот за прекин на огнот не се почитува.

- Advertisement -
Ad image

Хезболах изјави дека Израел нема право да врши напади во Либан или да лета со своите авиони во либанскиот воздушен простор, велејќи дека тоа би било нарушување на либанскиот суверенитет.

Пратеникот на Хезболах, Хасан Фадлалах, во средата рече дека групата е подготвена да одговори доколку Израел го прекрши примирјето, велејќи дека договорот за прекин на огнот го признава „правото на двете страни на самоодбрана“.

Западните дипломати, наводно, го предупредиле Израел да биде помалку агресивен во своите напади врз Либан и му наложиле да му дозволи на механизмот за следење, кој треба да го надгледува примирјето, да започне со својата работа.

Американскиот генерал-мајор Џаспер Џеферс пристигна во Бејрут на 27 ноември за да копретседава со комитетот за прекин на огнот, заедно со американскиот претставник Амос Хохштајн.

За време на брифингот со новинарите во понеделникот, портпаролот на Стејт департментот, Метју Милер, рече дека механизмот за спроведување на примирјето, предводен од САД, ќе ги реши прекршувањата.

– Ако навистина видиме прекршување на примирјето, ќе одиме кај страните и ќе им кажеме да запрат – рече Милер.

Share This Article