Израелските одбранбени сили (ИДФ) соопштија дека нивните авиони утринава извршиле напад врз седиштето на разузнавачката служба на Хезболах во Либан, објави порталот Ел-Би-Си.
„Утринава израелските воздухопловни сили извршија напад, базиран на разузнавачки информации, врз команден центар за разузнавање на Хезболах и подземна работилница за оружје во Бејрут“, се вели во соопштението на ИДФ.
Сѐ уште не е потврдено дали седиштето е оштетено или уништено.
ИДФ соопшти дека „презела бројни мерки“ за „намалување на ризикот од штета на цивилите“, вклучително и претходни предупредувања до населението во областа.
„Покрај тоа, израелските воздухопловни сили го погодија и елиминираа терористот Ал Хаџ Абас Салама во областа Тебнина, висок командант на јужниот фронт на Хезболах“, додаваат тие.
ИДФ тврди дека Салама ги надгледувал борбите во областа Бинт Џбеил и извршил многу напади против Израел.
„Исто така, елиминирани се терористите Рада Абас Авада, висок специјалист за комуникации на Хезболах, и Ахмад Али Хусеин кој ја предводеше единицата за производство на оружје задолжена за зајакнување на стратешкото оружје на Хезболах“, се вели во извештајот.