Измамите преку телефон стануваат мошне примамлив „бизнис“ на Балканот, а во тоа сега, доколку се доволно креативни, измамниците може да најдат „сојузник“ и во вештачката интелигенција.
Во Македонија лани се регистрирани вкупно 17 пријавувања на измама преку телефон. Еден случај е пријавен во СВР Скопје, 9 во СВР Штип, а 7 во СВР Куманово. Во СВР Куманово била поднесена една кривична пријава против лице државјанин на Република Бугарија поради сомнение дека ги извршило делата.
2022 година била „поплодоносна“ со вкупно 49 пријавувања на измами преку телефон. Два случаја имало во Струмица, 10 во Битола, 4 во Велес, 1 во Штип, а во Скопје биле пријавени 11. Во Охрид имало најмногу случаи, дури 21 измама. Во Охрид, случаите биле расчистени и биле поднесени кривични пријави против две лица државјани на соседна Бугарија.
Како што објасни Министерството за внатрешни работи (МВР), измамите се извршувале преку телефонско јавување, а сторителите ги доведувале граѓаните во заблуда со лажно прикажување на фактите. Пример, една од лажните приказни била дека близок во семејството бил учесник во сообраќајна несреќа, при што измамниците кои се јавувале кај роднините се обидувале да им изнудат одредена сума пари поради наводната сообраќајка.
Во Индија има најмногу „фирми за измами“
Измамите по телефон не се ништо ново. Тие се лесен начин да се ограбат постарите и/или понеискусните лица. Повеќето граѓани сфаќаат дека се работи за измама поради некоја нелогичност во приказната. Но, се стравува дека со развојот на технологијата, измамите ќе станат сѐ пософистицирани и потешки за распознавање. Со користење на технологијата „аудио дипфејк“, измамниците можат дури и да го имитираат гласот на членови од семејството, да им се јават по телефон и да им кажат дека се во некаква неволја, да бараат од нив да уплатат пари на нечија сметка со цел да им помогнат. Така би можеле да се прелажат многу повеќе луѓе.
Но, и без технологијата „дипфејк“, веќе постојат огромни организирани лажни центри за повици. Индија е една од земјите познати по бројни фирми со таков вид измами. Измамниците се претставуваат како вработени во центар за повици и ги мамат жртвите да им испратат пари на одредена банкарска сметка. Понекогаш се претставуваат и како службеници од банка, им велат на жртвите дека имаат проблеми со сметката, па ги тераат „да преземат итна акција“. Жртвите, исплашени и во брзање, им префрлаат пари на измамниците.
Еден податок кажува дека од 28.000 луѓе од цела Индија биле одземени околу 12 милиони долари преку измама. Во 2022 година, жители на САД изгубиле вкупно 10 милијарди долараи поради повици од лажни центри од Индија, а жртвите главно биле лица над 60 години кои не ја разбираат компјутерската технологија. Во Индија, финансискиот компјутерски криминал опфаќа дури 75% од вкупниот криминал.
Балканот – центар на мултимилионски измамнички операции
Лажните центри за повици се растечки бизнис во Белград и во Софија. Позната е приказната за Александар Игњатовиќ кој во 2018 година ѝ ја открил целата шема на германската полиција за тоа како функционираат лажните центри за повици. Тој побарал од полицијата заштита за себе и за своето семејство, но бил најден мртов во хотелска соба во 2020 година во Софија, Бугарија, неколку месеци пред да биде изведен како главен сведок на судењето на Израелецот Гал Барак, кој се сметал за мозок на измамите. Бугарските власти рекле дека 34-годишниот Игњатовиќ починал од срцев удар. Израелецот Барак бил обвинет за измама и перење пари и бил осуден на 4 години затвор.
Барак го отворил првиот лажен центар за повици во 2015 година, во близина на седиштето на израелската тајна служба Мосад во Тел Авив. Кога Израел ја заострил легислативата за сузбивање на измамите, Барак се фокусирал на Балканот. Во септември 2017 година ја отворил компанијата „Кактус маркетинг“, на која ѝ се приклучил Игњатовиќ. Канцелариите биле на четвртиот кат во белградскиот хотел „Зира“.
– Работата ми беше прикажана како вид казино во кое можете да заработите или да ги изгубите парите. Најмногу се смета на човековата лакомост – изјавила директорката Катарина Којиќ на сослушувањето.
Изјавата на Игњатовиќ дадена на 50 страници во германската полиција помогнала да се разоткрие измама со вкупна вредност од најмалку 200 милиони евра. Десетици илјади луѓе ширум Западна Европа биле измамени додека биле убедени дека тргуваат со странски валути. Игњатовиќ открил дека работата се состоела во тоа да им се јавуваат на постари граѓани во Германија, Австрија, Британија и во други западноевропски земји и да ги убедат да „инвестираат“ во онлајн бизнис со валути.
Во еден момент во Белград, стотици луѓе ја работеле оваа работа. Претежно млади луѓе кои зборувале англиски или германски. Компанијата „Кактус маркетинг“ вработила 120 лица. Игњатовиќ ѝ рекол на полицијата дека тогаш постоеле околу 15 различни центри за повици кои функционирале во Белград, а десетици во Софија.
Секое утро, „агентите за конверзија“ добивале списоци со 200 до 500 луѓе на кои требало да им се јават. Тие имале информации за телефонските броеви, за е-адресите и за нивните хобија и интереси. Информациите биле собрани од објавите на социјалните мрежи. Оние кои се согласиле да инвестираат биле префрлени на „агентите за задржување“ кои имале задача да ги извлечат парите.
– Ми рекоа дека има напад од хакери од Кина и дека сите пари се изгубени. Кога сфатив дека ги изгубив моите пари, бев потиштен и беспомошен – рекол пензионерот Потер од Британија.
– Криевме од каде се јавуваме. Клиентите мислеа дека се јавуваме од Лондон или од Женева – рекол Игњатовиќ.
Седум месеци по отворањето, компанијата „Кактус маркетинг“ се затворила. Вработените привремено се вработиле во „И енд џи фајнансес“, компанија во Софија која исто така била во сопственст на Барак. Српските работници престојувале во хотелот „Драгалевци“ во кој забавите наликувале на тие од „Волкот од Волстрит“. Барак имал центри за лажни повици и во Сараево, во Приштина и во Киев.
– Имаше гласна музика, алкохол, дроги, а понекогаш доаѓаа и проститутки. „И енд Џ“ беше компанија со свој дилер. Можеше да си земеш кокаин или трева – рекол Игњатовиќ.
Барак бил уапсен на 30 јануари 2019 година, по налог за апсење на ЕУ, додека се обидувал да ја премине бугарската граница и да влезе во Србија.
За време на судењето, Барак го објаснил неговиот бизнис како обложувалница и тврдел дека клиентите знаеле во што се вклучени.
– Трговијата е обложување, а обложувањето е трговија – рекол тој.
Измамниците се творци на убедливи приказни
Многу измамнички приказни доаѓаат од Бугарија, најсиромашната земја во ЕУ. Старите луѓе се лесна мета на измамниците бидејќи многумина живеат сами зашто нивните деца се иселени во странство.
Пензионираната наставничка Гергина Алексиева од Ќустендил била измамена од човек кој глумел полицаец. Тој ја предупредил дека ќе ѝ се јават криминалци и дека ќе ѝ бараат пари. Полицаецот ѝ рекол да ги следи нивните наредби бидејќи неговите колеги чекаат надвор за да ги фатат крадците на дело. Во меѓувреме на Гергина ѝ заѕвонел телефонот и агресивен глас ѝ рекол да ги фрли парите преку балконот. Лажниот полицаец ѝ рекол дека сѐ ќе биде во ред и дека слободно може да ги фрли парите. Гергина го послушала и останала без својата заштеда.
Околу 900.000 луѓе биле жртви на телефонски измами во Бугарија, најчесто тоа биле луѓе постари од 60 години. 79-годишна пензионирана лекарка добила срцев удар кога ѝ се заканиле по телефон дека ќе ѝ ги исечат ушите на ќерка ѝ. И во Бугарија има лажни центри за повици кои вршат организирани измами. Пред 2 години биле уапсени четворица измамници кои оштетиле потенцијални инвеститори за неколку милиони евра.
Како да се справите со обидите за измама по телефон?
Критичкото и логично размислување е многу важно за граѓаните да умеат да се справат со измами преку телефон. Важно е секогаш да ја проверат приказната што им се сервира, да си дадат време да проверат и да не избрзуваат, зашто реално никогаш ништо не е толку итно да се плати.
Исто така, може да се развие сомнеж и во повици од непознати броеви, неверојатни случки и приказни во кои секогаш нешто се бара да се плати и тоа што побргу. Луѓето треба да се потпрат на здравиот разум и да се запрашаат дали има логика во приказната што им се сервира.
Министерството за внатрешни работи апелира до граѓаните да бидат претпазливи, особено повозрасните и да не наседнуваат на измами во кои лажно се нудат услуги. Доколку се посомневаат во измама, веднаш да пријават во најблиската полициска станица или на бесплатниот телефонски број 192.