Координаторот на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ Никола Мицевски ги оцени како „политички аматеризам и дилетантизам“ изјавите на премиерот Димитар Ковачевски дека местата на ВМРО-ДПМНЕ во техничката влада ќе останат празни доколку опозициските пратеници не гласаат за таа влада.
– Многу јасен е Законот за влада каде што во член 3 се вели „мандатарот предлага министри за секое од министерствата утврдени со закон и министри без ресор“. И тука ставаме точка и тоа е тоа кое што треба да го испочитува кандидатот за мандатар. Ние од кандидатот за мандатар се уште немаме слушнато изјава во однос на ова, меѓутоа можеме да ги насочиме да го погледнат член 3 од Законот за влада – рече Мицевски.
Тој прашува ако нема министри кој ќе ги потпишува на пример, платите во Владата.
– Ние не можеме да имаме дополнителни министри или заменици кога Законот е сосема јасен дека органи на управи се Владата, а во владата раководат министри. Сето друго е надвор од Уставот, надвор од она што го даваат законските регулативи во нашата држава – посочува Мицевски.
За тоа кога ќе бидат соопштени имињата на нивните претставници во техничката влада, Мицевски рече дека до крајот на неделата има уште време за тоа. Потврдува дека е планирана седница на Извршниот комитет за среда, но и тоа зависи од тоа што ќе се случува во наредните денови.
Според информации од владејачкото мнозинство, оставките на премиерот Димитар Ковачевски и на претседателот на Собранието Џафери би требало да се случат во деновите пред новата седница на Собранието закажана за петок, 26 јануари, кога би биле констатирани оставките и избран новиот претседател на Собранието Јован Митрески од СДСМ.
Изборот на техничката Влада треба да биде в недела на 28 јануари. Таа треба да биде избрана најдоцна до полноќ, а ќе ја предводи сегашниот претседател на Собранието Талат Џафери.