„Таа ми рече да ѝ простам за секое лошо што ми го направила. Јас ѝ реков дека нема потреба да го кажувам тоа. Тоа беше нашиот последен разговор”.
Вака за Би-Би-Си раскажува Ахмад ал-Гуфери за неговата сопруга која знаела дека ќе почине ден пред бомбашки напад на Газа. Ахмад загубил дури 103 членови од своето семејство во еден ден. За време на нападот Ахмад бил на 80 километри од Газа, во нивната куќа во окупираниот град Ерихон на Западниот брег. Работел како градежен работник од почетокто на војната и не можел да се врати во Газа.
Секој ден по телефон разговарал со сопругата и со трите мали ќерки.
– Каде е мајка ми? Каде е баба ми? Каде отидоа? – ги прашувал.
Во голем бомбашки напад врз куќата на неговиот вујко таа вечер загинале неговата сопруга и ќерките Тала, Лана и Најла. Тие ја убиле и мајката на Ахмад, четворица негови браќа и нивните семејства, како и десетици негови тетки, чичковци и братучеди.
Сé на сé, повеќе од 100 загинати. По два месеци, дел од нивните тела сé уште се под урнатините.
Минатата недела тој го прослави роденденот на својата најмлада ќерка. Најла ќе наполнеше две години.
Не можејќи да ги држи телата на децата или да им направи погреб, тој сè уште зборува за нив во сегашно време, со лицето неподвижно додека солзите му течат по образите.
– Моите ќерки за мене се мали птици – рече тој.
Тој се обидува да состави мозаик на она што се случило од приказните на неколкуте преживеани роднини и соседи.
Му кажале дека проектилот најпрвин го погодил влезот на куќата на неговото семејство.
– Побрзаа и отидоа кај вујко ми во близина. Петнаесет минути подоцна и таа куќа беше погодена од бомба од борбен авион – вели Ахмад.
Четирикатницата во која беше убиено семејството беше зад аголот од медицинскиот центар Сахаба во населбата Зејтун во градот Газа. Сега тоа е куп испукан бетон, руина проткаена со само неколку бои: зелена пластична чаша, парчиња правлива облека.
Хамид ал-Гуфери, еден од преживеаните роднини на Ахмад, изјави за Би-Би-Си дека кога почнале нападите, оние кои побегнале по ридот преживеале, а оние кои барале засолниште во куќата биле убиени.
– Тоа беше како огнен појас. Погодени се уште четири куќи до нашата. Маваа по куќите на секои 10 минути. „Таму имаше 110 луѓе од семејството Гуфери – наши деца и роднини. Сите беа убиени, освен неколкумина од нас.
Преживеаните велат дека најстарата жртва била 98-годишна баба, а најмладото момче – родено само девет дена порано.
По неколку месеци заглавен и очаен да се врати, Ахмад сега не е сигурен дали тоа некогаш тоа ќе се случи.
– Мојот сон е уништен во Газа. Кај кого да се вратам? Кој ќе ме нарече „тато“? Кој ќе ме нарече „мил“? Жена ми ми рече дека јас сум и цел живот. Кој ќе ми го каже тоа сега? – вели тој.