Изгледите за деескалација на украинско-руската криза се интензивираа денеска откако Русија соопшти дека повлекува дел од трупите распоредени на границата со Украина, тврдење кое во Европа и во САД е примено со мешавина од скептицизам и внимателен оптимизам.
Откако тоа беше објавено, попладнево украинските власти соопштија за голем кибер напад врз Министерството за одбрана и врз двете најголеми банки во државата. Властите се сомневаат дека нападот е извршен од Русија.
Администрацијата на Бајден поттикна невидено ниво на тревога што сугерира дека руската инвазија на Украина е неизбежна додека европските лидери реагираа внимателно на изјавата на Москва дека е подготвена за разговори со САД.
Белата куќа, денеска одржа затворен брифинг за американските сенатори за ситуацијата за да се постигне консензус во услови на поделби дома, при што некои експерти тврдат дека САД треба да се согласат со барањето на Русија да ја исклучи Украина од НАТО и да ја фокусира својата енергија на Кина за која велат дека е вистинската закана. Десното крило на Трамп е крајно скептично за тврдењата на администрацијата на Бајден, при што некои од неговите поддржувачи претпочитаат да одат со наративот на Москва дека САД се тие што ја туркаат Русија во агол.
Генералниот секретар на НАТО, во меѓувреме, остана на ставот дека не видел никаква деескалација на теренот, предупредувајќи дека Русија во минатото се повлекла, оставајќи воен материјал за брза употреба подоцна.
НАТО, рече тој, би сакал да види „значително и трајно повлекување на силите, трупите, а не и најмалку важно тешката опрема“.
Постои скептицизам и од Украина, земјата во центарот на светската драма, со нејзиниот министер за надворешни работи Дмитро Кулеба на Твитер: „За руските изјави во врска со повлекување на некои сили од украинската граница – Ние во Украина имаме правило: не веруваме во она што го слушаме, веруваме во она што го гледаме“.
Москва го обвини Зпадот за „информативен тероризам“ во твите на портпролката на МНР, Марија Захарова – Февруари 15, 2022 ќе замине во историјата како ден на Зпаадната воена пропаганда која не успеа во намерите. Понижени и уништени без ниту еден испукан истрел“.
САД сѐ уште не виделе докази за повлекување на руските војници во близина на Украина, но секоја таква акција би била добредојдена, изјави денеска американската амбасадорка во ОН, Линда Томас-Гринфилд.
– Тоа би била добредојдена вест, доколку е легитимна. Се уште не сме виделе никакви докази за тоа – рече Томас-Гринфилд.
Руско-Украинска криза – хронологија во изминатите два месеца
10 Ноември 2021 – Вашингтон извести за невообичаено придвижување на руски трупи кон украинската граница.
28 Ноември – Украина тврди дека Русија распоредила 92.000 војници на границата. Москва негира.
1 Декември 2021 – Москва ја обвинува Украина за зголемен број воени сили, бара гаранции дека државата нема да влезе во НАТО
7 Декември – Американскиот претседтел Џо Бајден со предупредување до рускиот претседател Владимир Путин за можни санкции ако извршат инвазија врз Украина
17 Јануари 2022 – Руски трупи во Белорусија на заеднички воени вежби
24 Јануари – НАТО со трупи на „стендбај“ за можно распоредување
2 Февруари – САД испраќаат 3.000 војници во Иточна Европа
7 Февруари – САД тврдат дека Русија има распоредено 110.000 војници и дека околу 40.000 други се на пат кон границата со Украина
10 Февруари – Почеток на Руско-Белоруски воени вежби
15 Февруари – Кремљ тврди дека дел од руските сили се повлекуваат од границата со Украина.