Министерството за надворешни работи и дијаспора на Косово соопшти дека од косовската амбасадата во Северна Македонија е информирана оти македонските власти ја смениле безбедносната мерка на поранешниот припадник на Ослободителната војска на Косово, Блерим Рамадани од „куќен притвор“ во „притвор“ пред тој да избега од домашниот притвор кој го издржувал во куќата на негови роднини во Скопје, јави дописникот на МИА од Приштина.
Од косовското МНР за порталот „Газета експрес“ изјавија дека информацијата за промената на безбедносната мерка за Рамадани, кој беше уапсен врз основа на меѓународна потерница, ја дал неговиот адвокат.
„Во врска со вашите прашања, ве известуваме дека Амбасадата на Република Косово во Северна Македонија е известена од адвокатот на г. Рамадани дека безбедносната мерка му била преиначена од куќен притвор во притвор, во времето кога ја чекаше одлуката на Врховниот суд“, се наведува во одговорот на косовското МНР.
Од Министерството велат дека немаат други официјални информации од властите во Северна Македонија.
„Потсетуваме дека, според нашите претходни информации, Основниот кривичен суд Скопје на 08.08.2024 година одлучи да не го екстрадира г. Блерим Рамадани во Србија. Тој во наредните денови ја чекаше конечната пресуда на Врховниот суд“, се вели во информацијата од косовското МНР.
Порано во текот на денешниот ден, вршителот на должноста претседател на Организацијата на воени ветерани на ОВК, Фатон Клинаку изјави дека поранешниот војник на ОВК, Блерим Рамдани избегал од домашен притвор во Северна Македонија, откако, според него, македонските правосудни органи одлучиле да го вратат во притвор со цел да го екстрадираат во Србија.
Рамадани беше уапсен на 17 јули на граничниот премин Јажинце, на влезот од Косово во Северна Македонија, врз основа на меѓународна потерница издадена од Србија. Потерницата беше распишана со тврдења дека тој, како припадник на ОВК, извршил „воени злосторства против српското население“ во регионот на Урошевац во летото 1999 година.
Рамадани е во Косово?
Луан Јахири, потпретседател на организацијата на воени ветерани на УЧК од Урошевац (Феризај), во гостување на косовската телевизија Т7 изјави дека Блерим Рамадани моментално се наоѓа во Косово. Јахири додаде дека разговарал со Рамадани и дека планира наскоро да се сретне со него.
– Со Блерим денеска не разговаравме долго, го пофалив за одлуката што ја донесе, бидејќи тешко ќе беше да се врати во затворски притвор, а уште потешко да биде екстрадиран во Србија. Кога ќе се видиме, ќе му ја искажеме нашата поддршка и ќе му препорачаме да се пријави во нашите институции за да се расчисти целото прашање – изјави Јахири, пренесува порталот „Репортери.нет“.
Јахири истакна дека Рамадани претходно имал намера да остане во Македонија и да го заврши судењето, но дека одлуката за бегство ја донел откако било објавено дека ќе биде вратен во притвор со можност за екстрадиција во Србија.
– Тој донесе добра одлука, би го направил истото и јас – додаде Јахири.
Министерот за внатрешни работи на Србија, Ивица Дачиќ, го оцени бегството на Рамадани како голем скандал, истакнувајќи дека станува збор за лице обвинето за воени злосторства врз Срби на Косово. Србија бара објаснување од Македонија како се случило бегството.
Србија го бара Рамадани поради сомневањата дека, како поранешен припадник на ОВК, извршил воени злосторства во регионот на Неродима. Според косовските медиуми, Рамадани е третиот државјанин на Косово, по Гафур Дуголи и Томор Морина, уапсен во Северна Македонија врз основа на српска потерница, но ослободен од судот.